14 септември 2026, Скопје – Царината ја претвораме во модерна, ефикасна и безбедна. Денеска на граничниот премин Табановце беа презентирани резултатите од проектот што се реализираше со поддршка на ЕУ во вредност од околу 4 милиони евра. Ова го истакна министерката за финансии на Граничниот премин Табановце по повод успешното завршување на проектите реализирани во рамки на Акцискиот документ „ЕУ против организираниот криминал, со поддршка за трговијата“.
„Денеска сме овде на Граничниот премин за да ги видиме конкретните резултати од еден уште еден значаен проект реализиран со поддршка од ЕУ во вредност од 4 милини евра. Неговото значење е многу поголемо од вредноста на набавената опрема. Ова е инвестиција во институција која има исклучително важна улога за државата – во заштитата на финансиските интереси, во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал, но истовремено и во создавањето услови за побрза и поедноставна трговија“, рече министерката.
Со поддршката од Европската Унија се обезбедени специјализирана опрема и современи технолошки решенија за контрола и истраги, информатичка опрема и софтвер, како и нови специјализирани возила за мобилните царински тимови и К-9 единицата.
Според министерката сето тоа значи подобри услови за работа на царинските службеници, поголема мобилност и подобри капацитети за откривање и спречување нелегална трговија и прекуграничен криминал.
Таа додаде дека паралелно се инвестира и во дигитализацијата која ќе значи помалку административни постапки, поедноставен пристап до царинските системи и побрзо завршување на процедурите.
"Со развојот на системите EORI2 и системот за унифицирано управување со идентитетите на корисниците и дигитален потпис се прави важен чекор кон создавање единствен, поедноставен и побезбеден дигитален пристап до царинските услуги кој е суштински важен за економските оператори. За Царинската управа, тоа пак, значи подобри и поквалитетни податоци, поголема безбедност и подобра поврзаност на системите“, рече министерката и додаде дека овир промени се дел и од процесот на усогласување со европските царински стандарди и нашите подготовки за интеграција во Единствениот пазар и Царинската унија на Европската Унија.
Како што посочи во тој процес, особено e важно да обезбедиме соодветни услови за работа за царинските службеници, бидејќи силната институција се гради и преку луѓето кои секојдневно ги спроведуваат овие стандарди во пракса. При тоа изрази благодарност за континуираното партнерство со Европската Унија, преку кое во изминатиот период се реализирани повеќе проекти за поддршка на Царинската управа, вклучително и на граничниот премин Табановце.
„Во рамки на ИПА 1 Програмата досега успешно се реализирани низа проекти кои придонесоа кон унапредување во процесите и системот на царинското работење. Во рамки на ИПА со 1,8 милиони евра беше извршена надградба и проширување на објектите за царинење и инспекција Дополнително, со поддршка од 1 милион евра успешно реализирани се и низа набавки и за унапредување на процесите на граничниот премин Табановце, односно набавени се возила, GPS уреди за следење на возилата, ИТ опрема и мултифункционални уреди, канцелариска опрема, заштитна облека за вршење на службени контроли, набавка на опрема за вршење на службени контроли“, наведе министерката.
Таа порача дека Министерство за финансии, продолжува да дава силна поддршка на процесот на модернизација и дигитализација на царинското работење, затоа што ефикасната Царинска управа значи подобра наплата и заштита на јавните приходи, поефикасна борба против сивата економија и криминалот, но и подобар деловен амбиент и поголема конкурентност на македонската економија.
При тоа посочи дека во првите осум месеци од годинава приходите од увозни давачки изнесуваат близу 10,5 милијарди денари, што е раст од 9,7% во однос на истиот период минатата година.