15 април 2025 година, Вашингтон- Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во рамки на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), кои се одржуваат во Вашингтон, оствари работна средба со претставници на Трезорот на САД (U.S. Department of the Treasury), Канцеларија за техничка помош (Office of Technical Assistance – OTA).
На средбата беше потврдена континуираната и конструктивна соработка помеѓу Министерството за финансии и Трезорот на САД , насочена кон унапредување на управувањето со јавните финансии, јакнење на капацитетите на институциите и модернизација на финансиските системи.
Во фокус на разговорите беше напредокот во реализацијата на тековните проекти за техничка помош во областите на управување со јавниот долг, развој на пазарот на државни хартии од вредност, даночната и царинската администрација, како и зајакнување на системите за финансиски надзор и борба против финансиски криминал.
Посебен акцент беше ставен на активностите поврзани со развоjот на новата платформа за аукции на државни хартии од вредност, при што беше истакната важноста од понатамошна координација со сите релевантни институции и партнерите од Трезорот на САД, со цел навремена и успешна имплементација на современо, ефикасно и транспарентно решение.
„Техничката соработка со Трезорот на САД е клучна за модернизацијата на јавните финансии и унапредувањето на пазарите на капитал во земјата. Заеднички работиме на конкретни решенија, од нова платформа за аукции на државни хартии од вредност до зајакнување на даночната и царинската администрација, со цел поголема ефикасност, транспарентност и стабилност на системот“ истакна министерката.
Исто така, беше разгледан напредокот во реформите во даночниот и царинскиот систем, унапредувањето на управувањето со ризици, дигитализацијата на процесите, како и јакнењето на институционалните капацитети преку обуки и пренос на меѓународни добри практики.
На средбата беше истакната заедничката заложба за продлабочување на соработката, како и поддршката на реформските процеси кои придонесуваат за поголема фискална стабилност, ефикасност на јавните финансии и економски раст.
Министерката Димитриеска-Кочоска нагласи дека стратешкото партнерство со Трезорот на САД претставува значаен поттик за унапредување на јавните финансии и институционалните капацитети во земјата.