Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитриеска-Кочоска од Истанбулскиот економски Самит: Глобалните промени не се закана, туку можност за развој

Димитриеска-Кочоска од Истанбулскиот економски Самит: Глобалните промени не се закана, туку можност за развој

11 декември 2025 година, Истанбул- Македонија влегува во нова фаза на економска трансформација, со јасен фокус на инвестиции, дигитализација и фискална стабилност, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска во своето воведно обраќање на отворањето на Истанбулскиот економски Самит 2025, кој годинава се одржува на 11 и 12 декември под мотото „Нова рамнотежа и глобална соработка“,
Настанот ги собра носителите на економските политики, меѓународните финансиски институции, претставници од академската заедница и бизнис секторот од регионот и Европа, со цел да се разгледаат клучните прашања поврзани со глобалните економски промени, неопходните реформи и градењето на нови партнерства во свет исполнет со динамични предизвици.
Во своето обраќање министерката нагласи дека современите економии се соочуваат со силни притисоци, од геополитички ризици, до енергетски и технолошки шокови, поради што државите мора активно да работат на креирање адаптивни и отпорни системи.
„Светот не е ист. Геополитичките ризици, енергетските предизвици и економските шокови создадоа нова светска архитектура. Денес, глобалните економски и политички односи се движат со невидена динамика“, истакна Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека токму затоа државите, особено оние во развој, мора да дејствуваат проактивно.
Таа потенцира дека Македонија веќе гради економија заснована на фискална дисциплина, предвидливост и модернизација, обезбедувајќи подобри услови за приватниот сектор и инвеститорите.
Со тековните реформи во јавните финансии, приоритет е зајакнување на буџетската одржливост, повеќе средства за продуктивни инвестиции, зголемена транспарентност и ефикасност во трошењето на јавните ресурси.
Министерката го истакна развојот на човечки капитал и дигитализацијата како основа на новата економија. Владата работи на дигитални јавни услуги, подобрување на финансиската инфраструктура и интеграција на домашните компании во меѓународните пазари, истовремено поттикнувајќи ги младите да останат и да градат кариера во земјата.
„Новата глобална соработа не е само предизвик – таа е можност. Македонија е подготвена да биде дел од овие процеси – со нови инвестиции, реформи, партнерства и со јасна визија за иднината“, порача министерката, нагласувајќи дека државата избира да биде активен учесник во креирање економски решенија, а не пасивен набљудувач.
Фокусот на Истанбулскиот економски Самит 2025 е насочен кон економски политики за одржлив раст, јакнење на економската соработка меѓу државите и развој на нови партнерства.
Самитот ќе отвори дискусија за глобалната економија, одржливиот развој и зелената економија, енергетиката и финансиите, дигиталната трансформација, како и улогата на образованието за привлекување странски инвестиции.
Учеството на министерката Димитриеска-Кочоска претставува можност за унапредување на економската дипломатија и позиционирање на Македонија во регионалните процеси.

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност