24 април 2026 година, Скопје- Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, вчеравечер присуствуваше и се обрати на јубилејното 30-то издание на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, настан кој три децении претставува значајна платформа за промоција на жените лидери, претприемачи и професионалци кои даваат значаен придонес во македонската економија и општество.
Во своето обраќање, министерката истакна дека манифестацијата претставува признание за жените кои со својата посветеност, професионалност и визија создаваат вредност и оставаат трајна трага во деловната заедница.Ж
„Оваа манифестација не е само одбележување на значаен јубилеј, туку и признание за жени кои со својата работа, знаење и истрајност оставиле траен белег во македонската економија. Секоја успешна жена е доказ дека високите достигнувања се резултат на труд, дисциплина, интегритет и храброст“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека успехот на жените лидери има особена тежина, имајќи ја предвид нивната повеќекратна улога во професионалниот и личниот живот, како носители на одговорни позиции, но и како поддршка на семејството и заедницата.
Министерката нагласи дека како човек кој професионално доаѓа од приватниот сектор, добро ја разбира важноста на довербата, одговорноста и резултатите кои се градат со години.
„Јас доаѓам од приватниот сектор-средина во која резултатите секојдневно се мерат, во која довербата се гради со работа, а одговорноста не е формалност, туку начин на функционирање.Таму ги изградив моите професионални вредности, таму научив дека успехот никогаш не е индивидуален, туку е резултат на посветеност, тимска работа и јасна визија“, нагласи министерката.
Во обраќањето министерката потенцираше дека поддршката на жените во економијата и претприемништвото не е само прашање на родова еднаквост, туку и прашање на одржлив економски развој.
„Поддршката на жените во економијата, претприемништвото и лидерството значи поддршка на економскиот развој. Секоја жена која создава нова вредност придонесува за посилни компании, поконкурентна економија и посилно општество“, посочи министерката.
Димитриеска-Кочоска истакна дека институциите имаат обврска да продолжат со создавање средина во која жените ќе имаат уште поголема поддршка за професионален развој, лидерство и претприемништво, како и да бидат инспирација за младите генерации.
На крајот од обраќањето, министерката им честита на добитничките на признанијата и им посака понатамошни успеси на личен и професионален план, нагласувајќи дека нивните достигнувања претставуваат силен поттик за идниот развој на женското лидерство во државата.