Сектори
 

Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитриеска-Кочоска: Растот од 4,3% е потврда за позитивниот тренд и зајакнувањето на македонската економија

Димитриеска-Кочоска: Растот од 4,3% е потврда за позитивниот тренд и зајакнувањето на македонската економија

3 септември 2026 година, Скопје – Македонската економија во вториот квартал од 2026 година оствари реален раст од 4,3%, што претставува забрзување во однос на растот од 3,1% во првиот квартал годинава и е меѓу највисоките стапки на квартален раст во изминатите две и пол години, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на денешната прес-конференција на која ги презентираше последните податоци за БДП објавени од Државниот завод за статистика.
„Ако ја погледнеме целата патека, од 1,6% раст во првиот квартал од 2024 година денес сме на 4,3%. Уште поважно е што во сите десет последователни квартали во овој период економијата бележи позитивен раст, а во најголемиот дел од периодот стапките се движат околу и над 3%. Тоа е суштината на овие податоци. Не зборуваме за раст во еден изолиран квартал, туку за континуитет на економскиот раст“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека позитивната динамика е видлива и преку споредбата на двете половини од 2024 година. Во првата половина од 2024 година економскиот раст изнесувал 2,3%, додека во втората половина забрзал на 3,6%. Во 2025 година економијата оствари реален раст од 3,5%, а позитивниот тренд продолжува и во 2026 година.
Според министерката, особено значајно е што растот во вториот квартал има широка основа и е поддржан од повеќе сегменти на економијата. Бруто-инвестициите бележат силен реален раст од 16,5%, додека извозот на стоки и услуги е зголемен за 10,4%, по растот од 6,2% во првиот квартал.
Позитивни резултати се остварени и на производната страна. Градежништвото бележи раст од 21,9%, преработувачката индустрија од 4,1%, трговијата, транспортот и угостителството од 4,1%, а секторот информации и комуникации од 4,3%. Финалната потрошувачка е зголемена за 2,8%, при што потрошувачката на домаќинствата бележи раст од 3,3%.
„Денес растот од 4,3% на реална, однсоно 8,3% на номинална основа го остваруваме во поинакви услови – при умерен раст на европската економија, глобални неизвесности и геополитички ризици. Тоа е особено значајно за мала и отворена економија како нашата, силно поврзана со европскиот пазар. Македонската економија забрзува и покрај предизвикувачкото надворешно окружување“, рече Димитриеска-Кочоска.
Министерката посочи дека стапката на раст на македонската економија е значително над просекот на Европската Унија од 1,2% и еврозоната од 1,0%, како и над стапките на раст во дел од земјите од регионот.
Таа посочи дека според достапните податоци за вториот квартал од 2026 година, со економски раст од 4,3%, Македонија е меѓу европските земјите со повисоки стапки на раст. Повисоки стапки бележат Словенија со 5%, Данска со 4,7% и Малта со 4,5%.
Истовремено, растот на македонската економија е значително над просекот на Европската Унија од 1,2% и еврозоната од 1%. И во регионот нашата стапка на раст е меѓу повисоките – над Србија со 3,8%, Бугарија со 2,5% и Хрватска со 1,7%. Овој резултат добива дополнително значење ако се погледне поширокиот економски контекст, имајќи предвид дека растот од 4,3% го остваруваме во услови на умерен раст на европската економија и предизвикувачко меѓународно окружување“, рече министерката за финансии.
Продолжувањето на позитивните движења, како што истакна, го потврдуваат и високофреквентните показатели. Индустриското производство во вториот квартал бележи просечен раст од околу 4%, а нискоградбата просечен раст од 53,5%. Позитивната динамика продолжува и во јули, кога индустриското производство е зголемено за 1,3% на годишно ниво, а преработувачката индустрија за 3,4%.
Паралелно со забрзувањето на економската активност, се бележи и значително смирување на инфлацијата. Годишната стапка на инфлација од 4,8% во мај се намали на 3,4% во јуни и на 2,3% во јули, односно за 2,5 процентни поени за само два месеца.
Димитриеска-Кочоска истакна дека политиките на Владата и Министерството за финансии и натаму ќе бидат насочени кон создавање услови за повисок и одржлив економски раст, реализација на капиталните проекти, поддршка на приватниот сектор и инвестициите, подобрување на деловното окружување и одговорно управување со јавните финансии.
Целта, како што нагласи министерката, е позитивните економски резултати да се преточат во повисок животен стандард за граѓаните, повеќе можности за компаниите, нови инвестиции и посилна и поконкурентна македонска економија.

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност