22 јули 2025, Скопје – Повеќе средства за инвестиции на централно и на локално ниво, поддршка на приватниот сектор за нови инвестиции и отворање нови работни места, сигурна и редовна исплата на платите, пензиите и социјалните надоместоци се обезбедуваат со Предлог-ребалансот на Буџетот за 2025 година којшто од денеска е на дневен ред на пленарна седница.
Во експозето по Предлог-ребалансот на Буџетот, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека клучното во измените е што овие средства се обезбедуваат без дополнителен напор и задолжување, односно дека буџетскиот дефицит останува непроменет и е задржан на истото ниво и во апсолутен износ и како процент од БДП.
„Денеска пред Собранието и целата јавност го претставувам дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025 година, кој ги задржува нашите основни политики за макроекономска стабилност, развој и фискална консолидација. Ова е документ кој ги потврдува нашите заложби за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии и претставува продолжување на насоката што веќе дава резултати, а тоа се позитивните трендови во економијата“, рече министерката.
Според неа, предложениот ребаланс е потврда за домаќинско работење на Владата.
„Сервисираме стари обврски, стари долгови кон странство, обезбедуваме раст на платите, раст на пензиите, поддршка на економијата, а притоа имаме намалување на буџетскиот дефицит во споредба со минатата година и оттаму ниту јас како министер за финансии ниту Министерството за финансии не отстапуваме од таа определба“, наведе Димитриеска-Кочоска.
Таа потенцира дека со ребалансот се обезбедуваат и повеќе средства за проектите што имаат забрзана динамика на реализација и кои носат развој, а воедно се овозможува и искористување на средствата од претходните години кои стојат на посебните сметки.
Притоа, проекцијата за раст останува непроменета на ниво од 3,7% и таа се темели на досегашните остварувања, а клучен очекуван двигател ќе бидат бруто-инвестициите.
„Политиките се креирани на тој начин да одговорат на предизвиците од случувањата на глобален план. Не можеме да го игнорираме она што се случува во светот, особено кај нашите најголеми трговски партнери. Затоа и сме насочени кон политики кои ќе ја одржат стабилноста на домашната економија и на домашните компании, односно
поддршка на домашните компании со евтини кредити и поддршка на домашната економија преку реализација на општински проекти, со реализација на најавениот инвестициски циклус и проекти со стратешките партнерства што ги имаме и на билатерлано ниво и со меѓународните финансиски институции“, рече министерката.
Со предложениот ребаланс вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, што претставува зголемување од 1% во однос на иницијалниот план. Вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари или зголемување за околу 1% во однос на иницијалните проекции. Буџетскиот дефицит останува непроменет – 41,3 милијарди денари или 4% од БДП.
Со предложените измени, на расходната страна е извршена реалокација на средства помеѓу буџетски корисници на неопходните расходни позиции, обезбедени се дополнителни средства за проекти од област на животната средина, поддршка во енергетиката, културата и образованието, потоа во здравството за набавка на инсулин и медицинска опрема преку проширување на сметките на сопствените приходи, дополнително е обезбедена и 1 милијарда денари за непречена исплата на плати, пред сѐ наменети за финансирање на зголемените плати за 10% на вработените во Министерството за внатрешни работи, 2,5 милијарди денари за Фондот на ПИОМ за исплата на зголемените пензии и за транзициски трошоци, како и 1 милијарда денари за капитални расходи за проекти со поинтензивна реализација, пред сѐ во Министерството за одбрана.
Капиталните расходи се проектирани на 47,4 милијарди денари, што претставува 11,7% од вкупните буџетски расходи и 4,6% од БДП.
Согласно Деловникот, собраниската дебата по предложниот ребаланс на Буџетот за 2025 година ќе трае до 5 дена.