30.12.2025 година, Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска се обрати на настанот по повод потпишувањето на Договорот за заем со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) за финансирање на проектот „Обновување на товарниот возен парк“, преку кој ќе бидат набавени нови електрични локомотиви и ќе биде воведен современ систем за планирање на ресурсите (ERP) во ЖРСМ Транспорт АД Скопје.
Министерката истакна дека проектот претставува значаен чекор кон модернизација на транспортната инфраструктура и зајакнување на економскиот потенцијал на државата преку директно вложување во зголемување на капацитетите, ефикасноста и сигурноста на товарниот железнички превоз.
„Со набавката на нови локомотиви овозможуваме поголем обем и поголема сигурност на товарниот превоз, подобра поврзаност и зголемена конкурентност на домашната економија, како и нови можности за генерирање приходи“, нагласи Димитриеска-Кочоска.
Таа посебно ја потенцираше важноста од воведувањето современ ERP систем, со што се создава основа за подобро управување со ресурсите, зголемена оперативна ефикасност и повисоки стандарди на корпоративно управување во железничкиот сектор.
„Договорот за заем што го потпишуваме денес со ЕБРД, во износ од 20,9 милиони евра, е резултат на интензивни и конструктивни преговори и претставува потврда за довербата што ја имаат меѓународните финансиски институции во нашите политики и во насоката во која се движи државата. Условите под кои се обезбедени средствата – долгорочен рок на отплата, поволен грејс-период и конкурентна каматна стапка – се во целосна согласност со нашата стратегија за одговорно управување со јавниот долг и обезбедување одржливи јавни финансии“, посочи министерката и додаде дека Министерството останува посветено на поддршка на проектите што носат долгорочна економска вредност, го поттикнуваат развојот и ја зајакнуваат поврзаноста на државата со регионалните и европските транспортни коридори.