9 декември 2025, Скопје – Во 2026 година ја продолжуваме стратегијата за стабилен раст, ефикасна јавна потрошувачка и подобар животен стандард за граѓаните. Со Дополнетиот предлог-буџет се продолжува со макроекономската стабилност, фискалната консолидација, се обезбедува економски раст, како и сервисирање на сите обврски вклучително и исплаќањето на еврообврзницата. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозе на Дополнетиот предлог Буџет за 2026 година којшто од денеска се разгледува на пленарна седница во Собранието.
Таа посочи дека Буџетот за 2026 година е планиран како консолидиран и реален инструмент за одговорно управување со јавните финансии, со одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг.
Како што наведе во наредната година ќе се продолжи со намалување на буџетскиот дефицит, стабилизирање на јавниот долг и зајакнување на довербата кај домашните и странските инвеститори, а клучот за тоа е ефикасна наплата на приходите, формализација на неформалната економија и внимателна, контролирана и штедлива употреба на јавните средства.
„Буџетот е изработен со јасна визија, со одговорен пристап кон јавните финансии и со цел секој денар од народните пари да биде насочен таму каде што ќе донесе најголем поврат за граѓаните и економијата. Буџетот за 2026 година е изготвен врз основа на постигнатите економски резултати и очекувањата за продолжување на позитивните трендови. Водевме сметка за реалноста во проекциите, економичноста и ефективноста во планирањето, со цел да обезбедиме стабилен развој, редовно функционирање на институциите и навремена исплата на сите обврски. Овој Буџет не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за стабилност, доверба и развој. Јасна потврда за одговорното управување со јавните финансии кое го воспоставивме и го продолжуваме со полн капацитет„ рече Димитриеска-Кочоска, којашто потсети и на остварувањата во економијата во третиот квартал, кога е остварен раст од 3,8% и претставува еден од највисоките во последните години.
Со предложениот Буџет вкупните приходи за 2026 година се планирани на ниво од 374,9 милијарди денари, расходите се планирани на ниво од 414,2 милијарди денари, додека буџетски дефицит е проектиран во апсолутен износ од 39,2 милијарди денари или на ниво од 3,5% од планираниот БДП.
За капитални инвестиции се планирани 40,1 милијарда денари за интензивна реализација на инфраструктурни, енергетски и капитални проекти кои се клучни за подобрување на општите услови за живот, унапредување на јавната инфраструктура и поттикнување на економскиот развој.
Со Буџетот се обезбедува редовна исплата на плати во јавниот сектор, пензии, социјални трансфери и субвенции, поддршка на економијата и иновативни активности. За исплата на плата се проектирани 52,6 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 271,9 милијарди денари, за пензии 116,8 милијарди денари, за социјална заштита 12 милијарда денари, за активни мерки и политики за вработување 2,6 милијарди денари, за здравствена заштита 53,8 милијарди денари.
Министерката за финансии наведе дека во 2026 година со овој предлог се обезбедува ликвидност во јавните финансии и континуитет во навремената и целосна отплата на обврските.
„Буџетот за 2026 година покажува дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски. Тој зборува за економија што расте, држава што инвестира и Влада што работи посветено и со јасен план. Со него ја продолжуваме стратегијата за стабилен раст, ефикасна јавна потрошувачка и подобар животен стандард за сите граѓани“, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска обрзложувајќи го Дополнетиот предлог-буџет за 2026 година пред Собранието, каде што расправата почна денеска и може да трае најмногу 5 дена.