Сектори
 

Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитриеска-Кочоска: Во услови на глобална неизвесност ребалансот ги засилува капиталните инвестиции и го поддржува економскиот раст

Димитриеска-Кочоска: Во услови на глобална неизвесност ребалансот ги засилува капиталните инвестиции и го поддржува економскиот раст

21 јули 2026 година, Скопје- Ребалансот на Буџетот за 2026 година не е последица на проблеми со јавните финансии, туку претставува развоен документ со кој се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, поддршка на граѓаните и натамошен економски раст во услови на зголемена неизвесност на светските пазари, геополитички ризици и ценовни притисоци, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за Плусинфо.
Владата преку ребалансот на Буџетот за 2026 година обезбедува стабилност на јавните финансии, се обезбедува редовна исплата на сите законски обврски на државата, а истовремено се зголемуваат средствата за капитални инвестиции, земјоделство, социјална заштита, образование, спорт и локален развој.

“Ребалансот на Буџетот ќе обезбеди редовна исплата на платите, пензиите, социјалните надоместоци и сите останати обврски што државата ги има кон граѓаните. Сепак, во услови на веќе обезбедени стабилни буџетски приходи и јавни финансии, акцентот сега го ставаме на капиталните инвестиции. Инвестициите што денес ги реализираме во патишта, железници, енергетика, образование, здравство и комунална инфраструктура, ќе создадат повисока економска активност, нови работни места и подобар животен стандард“, истакна министерката.
Во интервјуто Димитриеска-Кочоска посочи дека ребалансот е усогласување со променетите економски околности и новите законски обврски, а не резултат на недостиг на приходи или нарушена ликвидност.

“Потребата од ребаланс произлезе од променетите економски околности во текот на годината. Геополитичките случувања, растот на цените на енергенсите и промените на меѓународните пазари влијаеја врз одредени буџетски проекции. Како одговорна Влада, наша обврска е тие проекции навремено да ги усогласиме со реалната состојба. Истовремено, во меѓувреме произлегоа и дополнителни законски обврски, пред сè поради потпишаните колективни договори, како и потребата од дополнителна поддршка за земјоделството, социјалната заштита и општините. Но, она што најсилно го карактеризира овој ребаланс е определбата за инвестиции. Одлучивме средствата да ги насочиме таму каде што ќе создадат најголема додадена вредност за економијата. Затоа велам дека ова не е кризен ребаланс, туку развоен ребаланс“, нагласи министерката.
Осврнувајќи се на собраниската расправа, министерката оцени дека прифаќањето на аргументирани амандмани, меѓу кои и оние за поддршка на жените земјоделки, национална СОС линија и два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово базирано насилство, покажува дека Владата останува отворена за конструктивни предлози што се во интерес на граѓаните.
Таа додаде дека позитивните економски показатели – растот на БДП од 3,1 проценти во првиот квартал, зголемените странски директни инвестиции, растот на градежништвото, услугите и извозот – се потврда дека македонската економија останува стабилна и дека политиките што ги спроведува Владата даваат резултати. Според неа, ребалансот создава услови за продолжување на инвестицискиот циклус, одржување на фискалната стабилност и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност