27 јануари 2026, Скопје – Издавањето на новата Еврообврзница не претставува задолжување за нова потрошувачка, туку во најголем дел е наменето за враќање постоечки обврски создадени во претходниот период, коишто доспеваат годинава, со цел избегнување ризици по стабилноста. Ова го истакна заменик-министерот за финансии Николчe Јанкуловски во интервју за Блумберг Адриа.
„Не се задолжуваме за нова потрошувачка, туку во најголем дел за да ги вратиме постоечките долгови, односно обврски создадени во претходниот период кои доспеваат сега. Ако државата има големи доспевања во одредена година мора да обезбеди средства. Тоа е исто како и во секое домаќинство или компанија – ако ви доспее кредит, мора да го затворите навреме или да го рефинансирате по подобри услови, за што максимално се залагаме за да не создаваме ризик за ликвидноста. И затоа на 13 јануари ја издадовме новата Еврообврзница. Целта е да можеме навремено да ја исплатиме Еврообврзницата од 2020 година и да избегнеме финансиски притисок или ризик по стабилноста“, истакна Јанкуловски.
Тој нагласи дека фискалната политика во 2026 година, како и досега, се заснова на макроекономска стабилност, фискална консолидација и поддршка на економскиот раст, што претставува баланс кој мора да се задржи, особено во услови на надворешни ризици и значајни доспевања на отплати.
Заменик-министерот потенцираше дека вкупните обврски за отплата во наредните пет години се значајни и изнесуваат 8,8 милијарди евра, што бара дисциплинирано и одговорно управување во согласност со Фискалната стратегија на која Владата се обврзала.
„Сметам дека не треба да отстапуваме од среднорочните цели, а како клучен индикатор за тоа е надолниот тренд на буџетскиот дефицит, којшто од 4,5% во 2024 година го намаливме на 4% во 2025, а во 2026 е проектиран на 3,5%. Паралелно со намалувањето на буџетскиот дефицит планиран е раст над 3 – 3,5%. Тоа значи дека консолидацијата не се прави на сметка на економската активност, туку и преку подобро планирање и подобра структура на расходите“, истакна Јанкуловски.
Во интервјуто заменик-министерот се осврна и на ефектите од пласманот на средствата од заемот од унгарската Експорт-импорт банка наменет за компаниите, реализацијата на капиталните расходи, како и за растот на платите.