12 март 2026, Скопје - Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање се партнери со УНДП во спроведувањето на Програмата БИОФИН, која има за цел изработка на национален план за финансирање на биодиверзитетот. Денеска во рамки на програмата се одржа првиот состанок на Проектниот одбор, којшто ќе биде одговорен за надзор над имплементацијата на активностите и донесување на одлуки поврзани со Програмата.
Програмата се финансира со грант средства од УНДП и применува „иновативен, постепен и приспособлив пристап“ кој им помага на земјите во овој процес (досега вклучени се 91 земја меѓу кои и Република Северна Македонија), а Планот вклучува системска анализа на економијата на една земја, која опфаќа мапирање на постојните механизми за финансирање, субвенции и националните финансиски потреби на земјата за заштита и одржливо управување со биодиверзитетот.

На состанокот се обрати заменик-минитерот за финансии Николче Јанкуловски кој изрази задоволство што Министерството за финансии е партнер во овој важен проект, преку што се придонесува кон напорите кои ја зајакнуваат заштитата на биодиверзитетот и промовираат одржливо управување со нашите природни ресурси.
„Македонија од страна на УНДП добива долгогодишната и вредна поддршка. Ја цениме континуираната соработка, експертизата и посветеноста на УНДП во поддршката на нашите напори за унапредување на реформите, зајакнување на институционалните капацитети и промовирање на одржлив и инклузивен развој.Оваа соработка претставува важен столб во нашите заеднички напори да се адресираат клучните предизвици за развој и да се изгради поотпорна и просперитетна иднина за нашите граѓани.Унапредувањето на финансирањето за заштита на биодиверзитетот е клучно за постигнување на глобалните цели за биодиверзитет, заштита на екосистемите и поддршка на одржливиот развој“, порача Јанкуловски и истакна дека МФ останува посветено на понтамошно зајакнување на партнерството со УНДП.
Според него партнерство со УНДП е пример за тоа како меѓународната соработка може да направи реална разлика. При тоа наведе дека со заедничка работа може да се комбинира локалната експертиза со глобалното знаење, осигурувајќи дека нашите напори се стратешки, базирани на докази и со значаен ефект.
Имено, Проектниот тим во меѓувреме работи на анализа и подготовка на неколку документи, со цел добивање основа за изработка на финалниот производ План за финансирање на биодиверзитетот, кој треба да ни даде препораки за зголемување на достапните финансиски средства, да се подобри ефикасноста на постојните трошоци, како и предлог за намалување на тие потреби до ниво на кое националните цели за биодиверзитет можат да се постигнат. Програмата овозможува активно споделување на искуства меѓу земјите и вклучува платформа за размена на знаење, како и обезбедување континуирана техничка поддршка за националните тимови.