Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

МФ: Конзистентноста во политиките, напорите за фискална консолидација и економски раст потврдени од „Стандард и Пурс“, задржан кредитниот рејтинг

МФ: Конзистентноста во политиките, напорите за фискална консолидација и економски раст потврдени од „Стандард и Пурс“, задржан кредитниот рејтинг

30 јануари 2024, Скопје – Нова потврда за конзистентноста на политиките на Владата за фискалната одржливост и перспективи за економски раст. И покрај неповолните надворешни влијанија, РС Македонија го задржа кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед доделен од страна на Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандар и Пурс“. Агенцијата очекува забрзан економски раст, умерено ниво на јавен долг и фискална консолидација. Позитивно влијание се очекува од напредокот на процесот за евроинтеграцијата.

 

Во најновиот извештај, „Стандард и пурс“ очекува растот на БДП да забрза во 2024 година и тој раст да дојде на нивото од 2,9% (2% во 2023 година), поттикнат од посилната лична потрошувачка, поддржана од реалниот раст на платите, тековните инфраструктурни проекти, вклучително коридорите 8 и 10д, како и растот на извозот. Според Агенцијата, потенцијалите за раст во земјата ги неутрализираат неповолните влијанија од случувањата кај главните трговски партнери, пред сѐ Германија. Јавниот долг ќе остане на умерено ниво и ќе се стабилизира на ниво од околу 53% од БДП во периодот 2024 – 2027 година. Агенцијата оценува дека се преземени активности за соодветно управување и со каматните плаќања и дека тие се пониски во однос на многу други земји со сличен кредитен рејтинг.

 

Од „Стандард и Пурс“ посочуваат и на напорите за фискална консолидација. Со усвоениот Буџет за 2024 година буџетскиот дефицит којшто е проектиран на 3,4% покажува намалување во однос на дефицитот од 2023 година којшто изнесуваше 4,6% од БДП. Агенцијата очекува тој тренд на буџетска консолидација да продолжи со фокусот на Владата врз економскиот раст и реализација на инфраструктурните проекти. Клучно за фискалната консолидација, според „Стандард и Пурс“, е строго придржување до правилата од новиот Закон за буџети.

 

Членството во ЕУ го посочуваат како клучен фактор за долгорочен структурен и институционален развој, поддршка на економскиот раст и справување со емиграциските предизвици. Клучно е спроведувањето на структурните реформи, а меѓу ризик факторите е нотирано надворешното влијание, изборниот циклус и условите на финансиските пазари. Во однос на инфлацијата посочуваат на наглото забавување во декември 2023 година и очекуваат нејзино стабилизирање.

 

Посочена е и важноста на добиената потврда од ММФ за првиот преглед на ПЛЛ и достапноста на средства од оваа програма, како и од други извори на финансирање.
Од почетокот на годината, политиките на земјата, покрај со потврдениот кредитен рејтинг од оваа Агенција, добија потврда и од ММФ и од Светската банка со новопотпишаната Рамка за партнерство.
Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа и е еден од клучните индикатори кои потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност