17 јули 2025, Скопје – Владата вчера на предлог на Министерството за финансии го усвои дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025 година, во кој се вградени и амандманите што беа усвоени во текот на расправата на матичната Комисија за финансирање и буџет, а со кои се обезбедуваат дополнителни средства во Министерството за транспорт, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за образование и наука.
Станува збор за дополнителни 6 милиони денари во буџетот на Министерството за транспорт наменети за проектна документација за нова сообраќајница во општина Куманово, дополнителни 50 милиони денари во буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади наменети за исплата на социјални надоместоци, како и 5 милиони денари во буџетот на Министерството за образование и наука наменети за Универзитетот „Гоце Делчев“.
Со дополнетиот предлог усвоен од страна на Владата се обезбедуваат средства кај одделни буџетски корисници со цел редовно сервисирање на обврските, односно со прераспределби се изврши зголемување на средствата кај одредени буџетски корисници, со истовремено намалување на средствата од одредени буџетски корисници со цел усогласување на расходите со досегашната реализација и очекувањата до крајот на годината. Дополнителните измени се однесуваат и на дополнително обезбедување средства за плати, како и за сервисирање обврски.
Измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година ги следат основните приоритети на фискалната политика, коишто се во насока на продолжување на фискалната консолидација, обезбедување макроекономска стабилност и поттикнување на развојот, при што нема промена во проекцијата на нивото на буџетскиот дефицит.
Со ребалансот, вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари или за околу 1% повеќе во однос на Буџетот, односно за околу 3,5 милијарди денари.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари и, исто така, бележат раст од околу 1%, односно за околу 3,5 милијарди денари, што се должи, пред сѐ, на развојната компонента.
Со предложениот ребаланс се врши реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, се врши дополнително обезбедување средства за непречена исплата на плати, пред сѐ во Министерството за внатрешни работи, каде што е обезбеден раст на платите на вработените за 10%. Исто така, се обезбедуваат и дополнителни средства за исплата на зголемени пензии и транзициски трошоци, како и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 47,4 милијарди денари, вклучувајќи ги и дополнителните средства за динамизирање на реализацијата на проектите кај кои веќе е потврдена добра реализација, пред сѐ во Министерството за одбрана.
Продолжува финансиската поддршка и соработка на Владата со општините, за кои претходно, со донесената Прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници, беа обезбедени дополнителни 584 милиони денари.
Со ребаласнот не се ревидира стапката на раст и таа останува на 3,7%, како што беше проектирана и со Буџетот за 2025 година.
Инфлацијата е проектирана на 2,8% и се очекува нејзино стабилизирање, а стапката на невработеност е планирана на 11,1%.
Крајна цел на измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година е непречено извршување на Буџетот и оддржување на идентично ниво на буџетскиот дефицит планиран со иницијалниот Буџет, односно буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, поточно 41,3 милијарди денари или 4% од БДП.
Дополнетиот ребаланс на Буџетот ќе биде испратен на усвојување во Собранието.