Сектори
 

Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

МФ: Завршната сметка за 2025 година потврдува стабилни јавни финансии, редовно сервисирање на обврските и реализација на развојните инвестиции

Министерство за финансии Министерство за финансии

1 август  2026, Скопје – Јавните финансии се реализирале во согласност со планираните фискални цели, со редовно и навремено сервисирање на сите законски обврски кон граѓаните и стопанството, како и со реализација на значајни капитални инвестиции што придонесуваат за економски раст и подобрување на инфраструктурата, покажува Завршната сметка на Буџетот на РС Македонија за 2025 година, која беше изгласана во Собранието.

Образложувајќи ја Завршната сметка пред пратениците, заменик-министерот за финансии Николче Јанкулоски истакна дека во текот на 2025 година фискалната политика се спроведувала одговорно и дисциплинирано, при што биле обезбедени средства за непречено функционирање на институциите, редовна исплата на платите, пензиите, социјалните права и здравствените услуги, како и за реализација на развојните проекти.

Во 2025 година беше остварен реален раст на бруто-домашниот производ од 3,5%, при што двигатели на економската активност беа градежништвото и услужниот сектор. Градежништвото забележа двоцифрен раст од 13,7%, пред сè како резултат на засилените инфраструктурни инвестиции.

Вкупните приходи на Буџетот беа реализирани во износ од 335,7 милијарди денари, што претставува раст од 9,9% во однос на претходната година, додека даночните приходи и социјалните придонеси достигнаа реализација од 96,2% од планираното. Вкупните расходи изнесуваа 377,5 милијарди денари, при што сите законски обврски на државата беа исполнувани навремено и без застој.

Во текот на годината редовно се исплаќаа пензиите, социјалните надоместоци, средствата за здравствена заштита, дотациите за општините, субвенциите за земјоделците, како и останатите обврски на државата.

Капиталните расходи достигнаа 28,5 милијарди денари и беа насочени кон реализација на инфраструктурни проекти, пред сè во патната инфраструктура, со значајни инвестиции во изградбата на делниците од Коридорот 8 и Коридорот 10д.

Буџетскиот дефицит во 2025 година изнесуваше 41,8 милијарди денари или 4% од БДП, што е во рамките на планираното и е резултат на политиките за внимателно и одговорно управување со јавните финансии и јавниот долг.

„Јавните финансии во текот на 2025 година, во услови на бројни предизвици, обезбедија навремена исплата на законски остварените права и реализација на стратешки приоритети без да се загрози фискалната одржливост на земјата, со едновремено реализирање на ефикасна јавна потрошувачка“, истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкулоски.

Тој нагласи дека Завршната сметка претставува потврда за реално планирање и одговорно извршување на Буџетот, при што и во услови на глобални економски предизвици биле зачувани макроекономската стабилност и фискалната одржливост, а истовремено продолжиле инвестициите во инфраструктурата и развојните проекти кои имаат долгорочен позитивен ефект врз економијата и квалитетот на животот на граѓаните.

 

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност