Сектори
 

Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитриеска-Кочоска: Го зајакнуваме партнерството со ЦЕБ – инвестираме во образование, дигитализација и економски развој

Димитриеска-Кочоска: Го зајакнуваме партнерството со ЦЕБ – инвестираме во образование, дигитализација и економски развој

17 септември 2026 година, Скопје – Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ) е долгогодишен и значаен партнер на земјава во реализацијата на проекти насочени кон подобрување на образованието, социјалната инфраструктура и поддршката на микро, малите и средните претпријатија. Фокусот на соработката е насочен кон реализација на проекти што носат конкретни придобивки за граѓаните и придонесуваат за економскиот развој. Ова беше истакнато на денешната средба на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со Томаш Бочек, заменик-гувернер на Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ), на која се разговараше за реализацијата на тековните проекти и за идната соработка.
„Продолжуваме да го зајакнуваме партнерството со ЦЕБ, насочувајќи ја поддршката кон проекти што придонесуваат за подобри јавни услуги, поквалитетно образование и економски развој“, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
ЦЕБ е присутна во земјава од 1997 година, а досега има одобрено кредити за 10 проекти во јавниот сектор во вкупен износ од 314 милиони евра, а исто така има дадено и значајна поддршка за обезбедување на инвестициски грантови и грантови за техничка помош за подготовка на проектите. Поддршката е насочена кон социјалната инфраструктура и социјалната интеграција, вклучително здравството, образованието, правосудството и социјалното домување, како и кон поддршка на микро, малите и средните претпријатија.
На средбата беше разгледана реализацијата на тековните проекти, меѓу кои дополнителното финансирање со заем и грантови во вкупен износ од 24.1 милион евра за изградба, надзор и опремување на 30 спортски сали во основните училишта, како и за реконструкција на основни и средни училишта. Оваа поддршка е продолжение на успешно реализираниот проект во чии рамки беа изградени и опремени 70 спортски објекти во основните училишта, а беа реконструирани и 90 основни и средни училишта.
Соработката со ЦЕБ опфаќа и кредитна линија од 50 милиони евра за создавање работни места во микро, малите и средните претпријатија, која се реализира преку Развојната банка.
Посебен акцент на средбата беше ставен на проектите што се подготвуваат за наредниот период. Меѓу нив е проектот за довршување на изградбата на објектите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ.
Во фокусот на идната соработка е и проектот за основна дигитална инфраструктура. Проектот е насочен кон унапредување на дигиталната инфраструктура и поддршка на процесот на дигитална трансформација.
На средбата беше изразена подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката меѓу Министерството за финансии и ЦЕБ, со фокус на ефикасна реализација на тековните проекти и обезбедување поддршка за нови инвестиции од значење за економскиот и социјалниот развој на земјата.

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност