14 октомври 2026, Скопје - Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, денеска во Министерството за финансии оствари средба со висока делегација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), предводена од Рене ван Хел, член на Одборот на директори и Гжегож Зелински, извршен директор за Централна и Југоисточна Европа.
На средбата се разговараше за актуелните макроекономски состојби, реализацијата на инфраструктурните и енергетските проекти, зелената транзиција, поддршката за малите и средните претпријатија, како и за можностите за натамошно продлабочување на соработката.
Заменик-министерот Јанкуловски ја истакна посветеноста на Владата и Министерството за финансии на одржувањето на макроекономската стабилност, фискалната консолидација и спроведувањето на структурните реформи, со цел поттикнување на инвестициите, економскиот раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
ЕБОР е еден од значајните меѓународни финансиски партнери на земјата, со досега одобрени 219 проекти во вкупна вредност од околу 3,2 милијарди евра.
На средбата беше потврдена заедничката определба за продолжување и зајакнување на стратешкото партнерство, со фокус на реализација на приоритетните развојни проекти и обезбедување одржлив и долгорочен економски развој.