27 април 2026, Штип - Стабилниот денар е резултат на дисциплинираната фискална политика и на одлуките што ја чуваат довербата и создаваат сигурност во економијата. Ова го порача заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски денеска на одбележување на Економскиот факултет при УГД Штип на настанот „Ден на денарот – Осамостојувањето на денарот: минатото што нè обликува“.
„Одржувањето на макроекономската и фискалната стабилност останува еден од клучните приоритети на Владата. Фискалната политика којашто ја спроведуваме се темели на обезбедување одржливост на среден рок, дисциплинирано и одговорно управување со јавните средства, намалување на сивата економија и поефикасна наплата на буџетските приходи. Истовремено, преку инвестиции во инфраструктурата, создаваме услови за развој на бизнисите и отворање нови работни места“, рече заменик-министерот кој додаде дека ваквиот пристап веќе дава резултати, а тоа е економски раст во континуитет во изминатите шест квартали од над 3%.
Според заменик-министерот одржувањето на оваа динамика, заедно со засилена транспарентност и отчетност, овозможува поефикасно и одговорно користење на јавните средства што е основа за стабилен финансиски систем и стабилен денар.
Тој потенцира дека Владата особено внимание посветува на управувањето со јавниот долг, кое се води внимателно, дисциплинирано и транспарентно и дека преку секоја одговорна буџетска одлука, со секој контролиран дефицит и одржлив јавен долг, директно се зајакнува стабилноста на денарот.
Обраќајќи се пред присутните заменик-министерот укажа дека Владата и Министерството за финансии и во иднина ќе продолжат со политики насочени кон одржување на макроекономската стабилност, стабилноста на јавните финансии и стабилен финансиски систем., што се основа за градење повисок економски раст, повеќе инвестиции и подобар животен стандард за граѓаните.