19 септември 2026, Прилеп – Министерството за финансии ја продлабочува соработката со академската заедница. Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за финансии и Економскиот факултет – Прилеп при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Меморандумот го потпишаа заменик-министерот за финансии, проф. д-р Николче Јанкуловски и деканката на Економскиот факултет - Прилеп проф. д-р Татјана Спасеска.
Меморандумот им дава можност на двете институции размена на знаења, искуства и експертиза, реализација на заеднички активности и иницијативи, како и поголемо поврзување на научната и стручната јавност со процесите на креирање и спроведување политики во областа на јавните финансии.
Меморандумот за разбирање се потпиша за време на XIV-тата Меѓународна конференција EBSiDE 2026, во организација на Економскиот факултет – Прилеп, кадешто заменик-министерот Јанкуловски одржа и пленарно предавање на тема „Од дигитализација до интелигентни јавни финансии“.
Во своето излагање тој се осврна на трансформацијата на јавните финансии – од дигитални услуги кон интегрирани, сигурни и податочно управувани системи, како и на реформите во управувањето со јавните финансии, даночната и царинската администрација.
Посебен акцент беше ставен на следните чекори кон поголема интероперабилност, напредна аналитика и одговорна примена на вештачката интелигенција во насока на поквалитетно и навремено донесување одлуки.