Данокот на додадена вредност  (ДДВ) како општ потрошувачки данок е воведен со Законот за данокот на додадена вредност, и со него се уредува неговото пресметување и плаќање. Предмет на оданочување со ДДВ е:

  • прометот на добра и услуги, кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност;
  • и
  • увозот на добра.

Даночен обврзник е правно и физичко лице кое врши дејност на територијата на Република Македонија, а обврска за задолжителна регистрација за целите на ДДВ имаат само оние даночни обврзници кои:

  • во изминатата календарска година оствариле вкупен оданочив промет над 1.000.000 денари (вклучувајки  го данокот  кој  отпаѓа на него, освен прометот ослободен  без право на одбивка на претходниот  данок);
  • или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот  (над 1.000.000 денари;
  • или во текот на годината го надмине износот (над 1.000.000 денари).

На малите стопански субјекти  кои се под прагот на задолжителна регистрација, им се дава можност да бираат дали ќе бидат регистрирани како ДДВ обврзници.

ДДВ се пресметува со примена на пропорционални даночни стапки врз даночната основа за оданочивиот промет на стоки и услуги и увоз и тоа:

  1. Според општата даночна стапка од 18%, која се применува врз целокупниот оданочив промет и увоз, освен врз прометот и увозот кој се оданочува со повластената даночна стапка и
  2. Според повластената даночна стапка од 5%, која се применува врз прометот и увозот на  следните добра и услуги:
    • производи за човечка исхрана, Вода за пиење од јавните системи за снабдување и одведување на урбаните отпадни води и водa за наводнување на земјоделско земјиште;
    • публикации;
    • семенски и саден материјал за производство на земјоделски растенија,  ѓубрива, средства за заштита на растенијата, фолии од пластична маса за употреба во земјоделството, земјоделска механизација;
    • машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери), софтвер за машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери);
    • термални сончеви системи и компоненти;
    • лекови;
    • медицинска опрема, помагала и други уреди чијашто намена е за олеснување или третирање на инвалидност исклучиво за лична употреба од страна на инвалидни лица;
    • сурово масло за производство на храна за човечка исхрана;
    • првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се  користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата;
    • добиточна храна, адитиви за добиточна храна и жив добиток;
    • бебешки производи, и тоа: креветче, количка, транспортер, релаксатор, седиште за во возило, када, хранилка, цуцла, шише и пелени за бебиња;
    • училиштен прибор, и тоа: училишна торба (ранец), тетратка, молив, пенкало, блок, работна тетратка, боички, линијар, шестар, пластелин, острило, гума и коректор;
    • превоз на лица и нивниот придружен багаж;
    • услуги за одржување на јавна чистота и отпремување на отпад;
    • услуги на сместување (ноќевање) или сместување со појадок, полупансион или полн пансион, во сите видови на комерцијални угостителски објекти.

Одредени промети се ослободен без право на одбивка на претходниот данок, како што се:

  • прометот на станбени згради и станови, во оној дел, во кој истите се користат за станбени цели, со исклучок на првиот промет, кој ќе се изврши во период до пет  години по изградбата, како и iзнајмување на станбени објекти и станови, доколку истите се користат за станбени цели;
  • прометот на поштенски и таксени марки по нивната номинална вредност, на коверти, поштенски картички и други поштенски вредносници на кои се втиснати поштенски марки, како и на контролни маркици (бандероли) и поштенски услуги од страна на Македонската пошта;
  • банкарски и финансиски промет, услуги на осигурување и реосигурување, вклучувајќи ги со нив поврзаните услуги на осигурителни брокери и агенти;
  • игри на среќа и забавни игри, чие изведување е регулирано со Законот за игрите на среќа и за забавните игри;
  • образовни услуги, Здравствени услуги;
  • услуги и промет на добра од страна на установи за социјална грижа и заштита, вклучувајќи ги услугите на домови за хоспитализирање, нега и лечење на стари лица;
  • услуги во рамките на згрижување и надзор на деца и младинци, како и со нив тесно поврзан промет на добра;
  • услуги во рамки на сместување на деца и младинци со цел нивно воспитување, образование или дообразување, како и со нив тесно поврзан промет на добра;
  • меѓународен превоз на патници,
  • прометот од установите што вршат дејност од областа на културата со непрофитна цел за културните услуги и добра непосредно поврзани со тие услуги.

Одредени промети се ослободен со право на одбивка на претходниот данок, како што се:

  • извоз на добра;
  • прометот на добра кои се превезуваат или испраќаат од земјата во слободни зони, царински зони или царински складови;
  • услуги поврзани со увозот, извозот и транзитот ;
  • прометот на злато и други благородни метали према централни банки;
  • прометот, модификацијата, поправката, одржувањето, чартерингот и изнајмувањето на летала кои се користат главно во меѓународниот комерцијален воздушен сообраќај, како и испораката, изнајмувањето, поправката и одржувањето на добрата кои служат за опремување на леталото; како и прометот на добра и услуги кои се во врска со подмирување на непосредните потреби на летала;
  • меѓународниот воздушен превоз на патници во воздушниот сообраќај;

При увозот на добра во земјата, исто така се предвидени определени ослободувања, а кои што се таксативно наброени во самиот закон.

По барање на даночни обврзници кои немаат седиште или подружница во Република Македонија и кои не извршуваат никаков промет во неа, им се враќа претходниот данок платен за набавките во земјата.

На непрофитните организации им се одобрува враќање на ДДВ, за прометот и увозот на добра кои се пренесени во странство каде се користат за хуманитарни, добротворни или образовни цели.

Доколку странското дипломатско или конзуларно претставништво набави добра или користи услуги за службени потреби во земјата, ќе му се изврши враќање на платениот ДДВ, за фактурите чиј износ надминува 5.000 денари, вклучувајки го ДДВ.

Враќањето на ДДВ му се одобрува и на дипломатскиот персонал, доколку наведените лица стекнале добра или користеле услуги во земјата за лични потреби. Во тој случај, враќањето се ограничува на вкупен износ од 50.000 денари за соодветната календарска година.

Меѓународните организации и нивните членови ќе обезбедат враќање на ДДВ, за прометот на добра или услуги извршени према нив, според условите и ограничувањата утврдени со меѓународни спогодби.

Оваа вест е достапна и на: Macedonian Albanian

Comments are closed.