Обезбедување на средства (заем/грант) од меѓународни финансиски институции за финансирање на приоритетни проекти од јавен интерес
Еднодневната обука одржана на 16.04.2025 година на тема „Обезбедување на средства од странски заемодавач за финансирање на конкретен проект на носител на јавен долг“ беше наменета за вработени во Владата на Република Северна Македонија (министерствата), јавните претпријатија основани од државата, како и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата, кои работат на подготвување, финансирање и имплементирање на проекти, особено големи инфраструктурни проекти.
Оваа обука овозможува запознавање на учесниците со дел од одредбите од Законот за јавен долг и нивната примена во насока на обезбедување на средства од странски заемодавач за финансирање на конкретен проект на носител на јавен долг. Познавањето и спроведувањето на конкретните активности, како и соодветната координација меѓу надлежните институции овозможуваат овој процес да резултира со обезбедување на заем/и, грант/ови од странски заемодавачи/даватели на грант (меѓународни финансиски институции и билатерални кредитори) по поволни услови, од што ќе зависи одговорното управување со финансиските средства, како и успешната и навремена реализација на конкретниот проект.
Преку предавања/презентации, работа во групи и играње на улоги, учесниците се стекнаа со познавање на активностите за започнување на иницијатива за обезбедување на грант и иницијатива за обезбедување на поволни развојни заеми за финансирање на проектите.
Согледувањето на тековната и идната можна соработка на Република Северна Македонија со меѓународните финансиски институции и билатерални кредитори/донатори им овозможува на учесниците соодветно да ја дефинираат содржината на иницијативите за обезбедување на грантови/поволни заеми. Иницијативите вообичаено содржат податоци за: 1) секторските документи (стратегии, акциски планови, програми) согласно кои проектите се приоритетни за финансирање и имплементација, 2) податоци за расположива документација за проектите (физибилити студија, ЕСИА, проектна документација), 3) придобивки од имплементација на проектите, 4) анализа и план за финансирање/имплементација на проектот, како и 5) дефинирање на предлог активности/идни чекори кои треба да се спроведат.
Примената на интерактивниот пристап ги поттикна учесниците да ја согледаат сложеноста на процесот на преговорите со меѓународните финансиски институции и билатерални кредитори/донатори, фокусирајќи се главно на утврдување на најсоодветен начин на спроведување на процесот на преговори, дефинирање на надлежностите на сите вклучени институции и потребата од соодветна координација и организација на сите вклучени страни, согледување на најчесто отворените прашања кои се предмет на дискусија и усогласување при преговорите.
Овој дел од обуката се покажа дека даде можност учесниците од различните институции да ги споделат своите искуства и предизвиците со кои се соочуваат при спроведување на горенаведените иницијативи и да воспостават меѓусебна соработка која резултира со утврдување на решенија за надминување на предизвиците.
Согледувањето на потребата за поставување на соодветна правна основа за потпишување на договор за грант и договор за заем/договор за гаранција, преку заеднички дискусии, на учесниците им овозможи да стекнат способности за соодветна подготовка на податоци за предлог на закон за задолжување / закон за издавање на државна гаранција, согледување на надлежностите во рамки на процесот на разгледување и усвојување на предлог законите од страна на Владата и Собранието, а последователно и на процесот на подготовка и потпишувањето на договорите.
Од големо значење е надлежните институции навремено и квалитетно да ги спроведуваат претходно наведените процеси, кои се клучни и за спроведувањето на Реформската агенда за периодот 2024–2027, која е дел од Планот за раст на Западен Балкан, инициран од Европската Унија. Реформската агенда покрај спроведувањето на реформските мерки и чекори, опфаќа и спроведување на инфраструктурни инвестиции/проекти во областите: транспорт: модернизација на патишта, железници и гранични премини, енергетика: транзиција кон обновливи извори и енергетска ефикасност, човечки капитал (образование, здравство итн), дигитален сектор: проширување на широкопојасен интернет, дигитални услуги и е-инфраструктура и др.
Во рамки на Реформската агенда инфраструктурните проекти се финансираат преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан - WBIF, преку кој се обезбедуваат грантови и заеми од ЕУ кои се управувани од меѓународните финансиски институции за стратешки проекти.
Колку е значаен ВБИФ инструментот потврдува и фактот дека Република Северна Македонија во периодот од 2008 до 2025 година има добиено грантови во вкупен износ од 502,1 милион евра : 467,5 милиони евра инвестициски грантови и 34,6 милиони евра за грантови за техничка помош.
Во таа насока, навременото и квалитетно спроведување на иницијативите за обезбедување на грантови и иницијативите за обезбедување на поволни развојни заеми со поддршка на меѓународните финансиски институции, преговорите со истите, како и поставувањето на соодветната правна основа за потпишување на договорите, се од клучно значење за успешното финансирање и спроведување на инфраструктурните инвестиции/проекти опфатени со Реформската агенда, како и останатите проекти приоритетни и значајни за граѓаните.
Ефикасното спроведување на процесите опфатени со оваа обука влијае на финансирањето и спроведувањето на инфраструктурните инвестиции во рамки на реформската агенда, односно и овозможува на државата пристап до поволни финансиски средства од Европската Унија и меѓународните институции, забрзан економски раст и подобра регионална поврзаност.
Знаењето, вештините и капацитетот на вработените вработените во Владата на Република Северна Македонија (министерствата), јавните претпријатија основани од државата, како и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата, се клучни за успешна подготовка, финансирање и реализација на инфраструктурните проекти, бидејќи тие директно влијаат врз квалитетот, ефикасноста и одржливоста на инвестициите.
Спроведувањето на ваквите обуки од страна на Министерството за финансии дава голем придонес кон:
- Зголемена ефикасност - вработените работат побрзо, поточно и со помалку грешки.
- Подобра подготовка на иницијативите за финансирање, како и самите проектите
- Поголема транспарентност - обучени кадри водат отчетна и отворена администрација
- Подобра меѓу-институционална координација - обуката ги подобрува комуникациските и организациските вештини.
- Зголемена доверба кај граѓаните - јавниот сектор функционира професионално, а граѓаните имаат поголема доверба во институциите.
- Подобра апсорпција на ЕУ средства - само обучени институции можат успешно да аплицираат и да користат средства од ЕУ фондовите.
- Поддршка на реформите - обуката придонесува кон спроведување на Реформската агенда.
- Мотивираност и задоволство кај вработените - професионалниот развој го зголемува чувството на вредност и припадност на вработените, и води кон нивна лојалност и доверба во институцијата во која работат.
Ленче Божиноска е раководител на Секторот за меѓународни финансиски односи при Министерството за финансии. Дипломирала на Економскиот факултет при Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје, а магистерски студии за меѓународен менаџмент има завршено на Економскиот институт во Скопје. Со своето долгогодишно искуство во областа на јавните финансии и меѓународната финансиска соработка, има клучна улога во координацијата со меѓународни финансиски институции, билатерални партнери и донатори. Таа активно работи на соработката со овие институции за подготовка и реализација на проектите финансирани со странски заеми и грантови, организирање на сите фази од постапката на склучување на договорите за грант/заем/гаранција, следење на реализацијата на истите. Нејзината експертиза и посветеност придонесуваат за унапредување на регионалната соработка, како и унапредување на меѓународните финансиските односи на државата.