6 јуни 2025, Скопје – Министерството за финансии преку Секторот – Академија за јавни финансии, во соработка со Светска банка, од 3 до 5 јуни 2025 година организираше специјализирана ад хок обука на тема „Обука за развој на концепт на проект (PCN) и основи на следење на проекти“.
Целната група на обуката беа претставници од министерства, општини и други институции кои работат задачи поврзани со јавните инвестиции, особено во секторите водоснабдување, отпадни води и животна средина, култура, образование и здравство, како и транспорт и енергетика.
Обуката, на која учествуваа 49 учесници, беше спроведена од експерти ангажирани од страна на Светска банка и обучувачи од Секторот за управување со јавни инвестиции при Министерството за финансии, кои преку практични примери и студии на случај ги презентираа најважните аспекти на прописите и практиките за управување со јавните инвестиции. Посебен акцент беше ставен на значењето на почитувањето на регулативата и одржувањето на меѓународната соработка како предуслови за поголем финансиски интегритет и избегнување на правни последици.
Обуката беше можност за учесниците да се запознаат со правната рамка која го регулира процесот на управување со јавни инвестиции и да го зајакнат институционалниот капацитет со фокус на фазата на идентификација на проекти. Учесниците стекнаа теоретски знаења и практични вештини за подготовка на Образецот за концепт на проект (PCN), како и познавања за постапката за следење на проектите при нивна имплементација, преку објаснување на Образецот за следење на проекти за јавни инвестиции. Обуката опфати запознавање со структурата и содржината на Образецот за концепт на проект, критериумите за оценка и квалитетно проектирање, како и основи на идентификација на проблеми, поставување цели и финансиска и економска анализа.
Министерството за финансии, преку Академијата за јавни финансии, останува посветено на обезбедување континуирана едукација на вработените во јавниот сектор, воведување иновативни пристапи во управувањето и поттикнување култура на извонредност во јавниот сектор.