19 јуни 2025, Скопје - Владата денеска, на предлог на Министерството за финансии, го усвои Предлог-ребалансот на Буџетот за 2025 година. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференција ги презентираше измените и дополнувањата и притоа истакна дека ребалансот ги следи основните приоритети на фискалната политика, а тоа е продолжување на фискалната консолидација, обезбедување макроекономска стабилност и поттикнување на развојот.
„Инвестициите остануваат приоритет на Владата и тоа го следи овој Предлог-ребаланс на Буџетот, а целта е да ја поттикнеме економската активност и да го оствариме проектираниот раст. Истовремено, измените и дополнувањата на Буџетот се продолжение и на нашите напори за фискална консолидација и домаќинско управување со јавните средства, односно парите на даночните обвзници“, истакна министерката.
Со ребалансот, вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари или за околу 1% повеќе во однос на Буџетот, односно за околу 3,5 милијарди денари. Вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари и, исто така, бележат раст од околу 1%, односно за околу 3,5 милијарди денари, што се должи, пред сѐ, на развојната компоненета.
„Со предложените измeни, односно со ребалансот вршиме реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, дополнително обезбедуваме средства за непречена исплата на плати, пред сѐ во Министерството за внатрешни работи, каде што обезбедивме раст на платите на вработените за 10%. Исто така, обезбедени се и дополнителни средства за исплата на зголемените пензии и транзициски трошоци, а најважно е обезбедувањето дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи“, потенцира министерката за финансии.
Таа појасни дека капиталните расходи се планирани на ниво од 47,5 милијарди денари и се во насока на динамизирање на реализацијата на проектите кај кои веќе е потврдена добра реализација, пред сѐ во Министерството за одбрана. Исто така, посочи, дека продолжува финансиската поддршка и соработка на Владата со општините, за кои претходно, со донесената Прераспределба, беа обезбедени дополнителни 600 милиони денари.
„Оттука, со ребалансот не се ревидира стапката на раст и таа останува на 3,7%, како што беше проектирана и со Буџетот за 2025 година. Остварувањата во првиот квартал и регистрираниот раст на БДП од 3% и 3,2% прилагоден согласно сезонските и календарските податоци, се јасен сигнал дека проекцијата е остварлива и реална. Очекуваме таквиот тренд да продолжи и во наредниот период, поддржан, пред сѐ, од домашната потрошувачка, зголемените инвестиции во инфраструктурата и енергетиката, финансиската поддршка на инвестициската активност на домашните производни компани, но и од мерките за зголемување на расположливиот доход на домаќинствата“, наведе Димитриеска-Кочоска.
Министерката соопшти дека инфлацијата е проектирана на 2,8% и се очекува нејзино стабилизирање. Буџетскиот дефицит, како што рече, останува непроменет, и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4% од БДП.
„Измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година се потврда на фискалната политика што ја водевме изминатата година и со која обезбедуваме консолидација и стабилизирање на макроекономската состојба. Економската активност добива на динамика и забрзува, а таквиот тренд ќе го одржиме и во наредниот период со политиките што се планирани со ребалансот. Дисциплинираниот пристап во управувањето со јавните финансии ќе продолжи, буџетскиот дефицит останува непромент и е понизок од остварениот дефицит минатата година од 4,4%, а внимателен и сериозен пристап применуваме и во управувањето со јавниот долг, за што најважен показател е намалувањето од 36 милиони евра регистрирано во првиот квартал од 2025 година. Сериозно сме фокусирани да продолжиме со таквите трендови и на среден рок да имаме макроекономска стабилност која ќе обезбеди реален раст од околу 4,5% и повисок животен стандард“, порача министерката.