4 декември 2025, Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денес оствари официјална средба со нејзиниот колега од Република Словачка, Ладислав Каменицки. На средбата, двајцата министри разменија мислења за низа прашања од заеднички интерес и оценија дека постои широк потенцијал за понатамошно унапредување на соработката.
„Денеска остваривме многу плодна и суштинска средба со мојот колега, министерот за финансии на Словачка, Ладислав Каменицки, на неговата прва официјална посета во Македонија. Македонија и Словачка се пријателски земји кои споделуваат заедничка визија – силен и стабилен регион, интегриран во Европската Унија, со отворени пазари, развиени институции и стабилни економии“, рече министерката по средбата со словачкиот министер.
Таа додаде дека Македонија има јасна и амбициозна агенда за јакнење на јавните финансии, фискална дисциплина, подобрување на деловното окружување и спроведување проекти кои директно придонесуваат за економски раст, што е и дел од препораките во последниот Извештај на Европската комисија. Притоа се заблагодари за поддршката што Словачка ѝ ја дава на нашата земја, и тоа во делот на јавните финансии, борбата против даночното затајување и трансферот на know-how, што е многу значајно за исполнување на критериумите за членство во ЕУ, како и при спроведувањето на економските и институционалните реформи што произлегуваат од Реформската агенда.
Министерот Каменицки потенцира дека оваа средба е важна за размена на искуства помеѓу двете земји. Притоа понуди помош и поддршка во нашиот евроинтеграциски процес.
Исто така, посочи и на значењето на потпишаниот Меморандум за соработка во развојот на пазарите на капитал помеѓу седум земји од регионот на ЈИЕ, вклучително и на Словачка и Македонија, како и на можностите што ги отвора тој за инвеститорите во регионот.
Покрај тет-а-тет средбата на двајцата министри, во рамки на официјалната посета се одржа и билатерален состанок на делегации од двете земји, на којшто се отворија повеќе теми во насока на унапредување на соработката.