20 ноември 2025, Скопје - Капиталните расходи за 2026 година се проектирани на реално ниво, што се заснова врз досегашната реализација и очекувањата за следната година. При оцена на реализацијата на капиталните инвестиции не може целата одговорност да се припише само на Владата, бидејќи често доцнењата произлегуваат од компаниите изведувачи кои се соочуваат со недостиг на работна сила и други ограничувања, посочи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето во централниот Дневник на МТВ.
„Реалноста е дека капиталните расходи ги проектиравме на едно реално ниво. Ако ја погледнете реализацијата на капиталните расходи низ годините наназад ќе видите дека никогаш реализацијата не била согласно тоа што било проектирано. Ќе видите дека трансферите до јавните претпријатија и до акционерските друштва во сопственост на државата биле дефинирани како капитални расходи“, појасни министерката.
Според Димитриеска-Кочоска, со примената на новата методологија, според која трансферите кон јавните претпријатија и државните акционерски друштва веќе не се водат како капитални расходи, се добива поквалитетна и реална слика за вистинските инвестиции.
„Имаме и различна методологија од онаа што се користеше. Односно, сѐ она што се давало како трансфер кон јавните претпријатија и акционерски друштва веќе не е капитален расход туку трансфер. Ако 2025 ја споредите со 2024 година ќе видите дека имаме огромна реализација на капиталните расходи. И тоа само ако ги споредите новата и старата методологија, зголемувањето е за повеќе од 19% според последните податоци од вчера. Значи, според новата методологија реализацијата на капиталните расходи е поголема за 19%, односно и покрај тоа што еден дел од трансферите минатата година биле вклучени во капитални расходи, а сега не се вклучени, повторно имаме раст. Ако, пак, ги додадеме и нив, имаме над 47% раст на капиталните расходи оваа година, иако повторно не сме до стопроцентна реализација од проекцијата за 2025 година во износ од 47 милијарди денари“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Министерката укажа и на проблемот со ниската реализација на средствата кои институциите ги имаат на сопствените сметки. Во 2025 година, од вкупните 47 милијарди денари капитални расходи дури 15 милијарди се предвидени од сопствени средства на институциите — сегмент каде што реализацијата е најниска.
„Реализацијата на сопствените сметки е нешто што го наметнав кога дојдов како министер за финансии. Зошто? Затоа што кога дојдов прашав каква е состојбата на сметката на Буџетот и што е со сопствените сметки. Во тој момент, 14 милијарди денари стоеја на сопствените сметки на институциите, кои не се гледаат на буџетската сметка, а јас како министер за финансии требаше да позајмам пари од банките за да ги покријам нивните расходи“, кажа министерката во Дневникот на МТВ.
Таа додаде дека токму поради ова, Министерството за финансии ја вовело обврската институциите да ги трошат сопствените средства за предвидените инвестиции и дека за 2026 година е направена корекција на нивната проекција во Буџетот.
„Како министер не можам да се согласам институциите да си ги чуваат на сметка овие средства и да не ги трошат, бидејќи не постојат сопствени приходи и сопствени сметки - сите сметки се на државата или на граѓаните. Не можеме да ги чуваме на сопствени сметки и да не ги трошиме“, порача Димитриеска-Кочоска.