21 ноември 2025, Скопје – Буџетот за 2026 година е реален, развоен и секоја ставка е многу внимателно проектирана. Растот е проектиран на 3,8%, а буџетскиот дефицит на 3,5% од БДП, што е согласно определбата за фискална консолидација. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето во Дневникот на МРТ.
„Факт е дека Буџетот за 2026 година е развоен. Со колегите во Министерството за финансии успеавме да извадиме еден максимум при проектирањето на поединечниот буџет на секоја институција, а притоа земајќи го предвид тоа дека мора да имаме развоен Буџет, мора да имаме фискална консолидација, а истовремено требаше да ги погледнеме и обврските што ги има секоја од институциите коишто се евидентирани во системот на МФ, како и да ги вклопиме приоритетите на Владата“, рече министерката за финансии.
Таа потенцира дека преку мерките за фискална консолидација и поголема контрола на расходната страна, како што е предвидено со Буџетот за 2026 година и продолжување на позитивните резултати во делот на БДП ќе имаме и намалување на јавниот долг.
Како што појасни, во текот на наредната година, на домашниот и на меѓународниот пазар ќе бидат обезбедени средства за да се вратат обврски што ги создала претходната Влада, вклучително и за исплата на еврообврзницата издадена во 2020 година и други заеми, а дека ново задолжување ќе биде она што е потребно за финансирање на буџетскиот дефицит. Очекува дека јавниот долг ќе се намали под 60% од БДП порано од 2028 година, за разлика од предвиденото со Стратегијата за управување со јавен долг.
Таа потенцира дека во ставките за плати и пензии се предвидени средства согласно законските решенија и дека ќе има раст на минималната плата.
Во гостувањето најави дека во Министерството за финансии веќе се работи на објавување нова емисија на граѓански обврзници и дека тоа ќе биде наскоро.