Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитриеска-Кочоска на Годишните средби на ММФ и СБ, можност за средби со високи претставници на меѓународните финансиски институции

Димитриеска-Кочоска на Годишните средби на ММФ и СБ, можност за средби со високи претставници на меѓународните финансиски институции

22 октомври 2024, Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до 26 октомври ќе престојува во Вашингтон, САД, каде што ќе учествува на редовните Годишни средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. За време на престојот таа ќе се сретне со високи претставници на овие две меѓународни финансиски институции и на Трезорот на САД, а ќе оствари билатерални средби и со свои колеги.

Во рамки на Годишните состаноци, министерката Димитриеска-Кочоска ќе се сретне со директорот на ММФ за Европа Алфред Камер, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и со Жероен Клик, кој треба да ја преземе функцијата извршен директор и Марникс ван Рај, кој ќе биде алтернативен извршен директор во ММФ. На средбите ќе присуствува и Анет Кјоб, шеф на Мисијата на ММФ за РС Македонија. На состаноците ќе бидат истакнати преземените чекори во насока на стабилизирање на јавните финансии, како и плановите за фискална консолидација и обезбедување економски раст.

Со високи претставници на Групацијата на Светската банка ќе стане збор за продолжување на континуираната соработка и поддршката што ја добива земјата во изминатите години. Средби се планирани со потпретседателката на Светската банка Антонела Басани, извршниот директор на Светската банка Јуџин Ругенат, како и со директорката на Светската банка за Западен Балкан Шиаочин Ју.

За време на престојот предвидени се и средби на министерката со Алфонсо Гарсија Мора, регионален заменик-претседател во Меѓународната финансиска корпорација – ИФЦ, потоа со претставници на Трезорот на САД, при што ќе биде потврдена поддршката што ја добива Министерството за финансии во реализацијата на своите програмски определби, како и со претставници на финансиски институции со кои земјава има соработка во процесот на издавање еврообврзници.

За време на работниот престој во Вашингтон, министерката Димитриеска-Кочоска ќе реализира средба со македонската дијаспора во САД, на која ќе има можност да поразговара за начинот на кој тие живеат и делуваат во американското општество, како и за политиките што ги спроведува новата Влада, а кои се насочени кон зајакнување на врските со иселениците.

На годинашните редовни средби, на кои министерката за финансии учествува заедно со гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, ќе се дискутира за светската економска перспектива, глобалната финансиска стабилност, стимулирањето на економскиот раст, влијанието на климатските промени, како и за економските предизвици.

 

Годишните средби на ММФ и Светската банка се одржуваат секоја година во октомври и отвораат можност за дијалог за актуелни теми во глобални рамки помеѓу министри за финансии, гувернери, претставници на бизнис-заедницата и на граѓанскиот сектор, академици и сл.

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност