Сектори
 

Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитриеска-Кочоска: Остануваме на остварување на јасната определба за одговорно и дисциплинирано управување со јавните финансии

Димитриеска-Кочоска: Остануваме на остварување на јасната определба за одговорно и дисциплинирано управување со јавните финансии

30 април 2026, Скопје – Министерството за финансии останува посветено на градење поотпорен, постабилен и поефикасен систем на јавни финансии. Унапредувањето на фискалната рамка е во интерес на економската стабилност и долгорочниот развој на државата. Ова го порача министерката за финансии на стручна расправа на тема „Ефикасноста на јавните финансии и улогата на фискалните правила во Северна Македонија“, во организација на Фискалниот совет.

„Современото управување со јавните финансии бара долгорочна визија, јасни правила и институционална стабилност коишто овозможуваат предвидливост, дисциплина и одговорност во носењето на одлуките.Фискалната политика во наредниот период ќе се соочи со комплексен предизвик на балансирање меѓу потребата од консолидација и потребата од развој. Затоа е неопходно внимателно управување, силни институции и доследна примена на фискалните правила“, истакна министерката. 

Таа посочи дека денешната расправа се одвива во фазата на усвојување на Фискалната стратегија за период 2027-2031 година како клучна рамка за среднорочното управување со јавните финансии.

„Оваа стратегија е резултат на јасна определба за одговорно и дисциплинирано управување со јавните средства во услови на зголемени глобални ризици, енергетска нестабилност и потреба од зачувување на макроекономската стабилност. Таа има за цел да обезбеди стабилен и предвидлив фискален пат, без да се наруши економската активност и социјалната сигурност на граѓаните“, рече Димитриеска-Кочоска и додаде дека со неа во периодот до 2031 година е предвидено постепено намалување на буџетскиот дефицит и негово сведување на ниво од 2,8%.

Според неа тоа претставува јасен сигнал за определбата за постепена фискална консолидација и усогласување со европските фискални стандарди, како и за зајакнување на кредибилитетот на фискалната политика.

Таа појасни дека во насока на постигнување на овие цели, Владата ќе спроведува континуирани мерки и на приходната и на расходната страна на буџетот, со цел да се обезбеди одржливост, ефикасност и поголема транспарентност во управувањето со јавните финансии.

Министерката ја истакна и улогата на Фискалниот совет во креирањето на фискалнaта политика преку своите анализи и мислења.

„Министерството за финансии, ја гледа оваа улога како важен партнерски елемент во креирањето на фискалната политика. Независната експертиза и критичката анализа ја прават политичката одлука поинформирана, поквалитетна и поодржлива“, посочи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

 

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност