Сектори
 

Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитриеска-Кочоска: Растот на БДП во четвртиот квартал од 2025 година е потврда на одговорниот пристап на Владата и позитивните економски движења

Димитриеска-Кочоска: Растот на БДП во четвртиот квартал од 2025 година е потврда на одговорниот пристап на Владата и позитивните економски движења

март 2026, Скопје – Објавените податоци на Државниот завод за статистика за раст на БДП во 2025 година се потврда за внимателниот и сериозен пристап при планирањето и водењето на фискалната политика, изјави денеска на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која истакна дека согласно податоците реалниот раст на БДП во 2025 година достигна 3,5% што е во линија со проекциите на Министерството за финансии, а номиналниот раст е нешто повисок од очекуваниот.

„Денеска Државниот завод за статистика ги објави податоците за растот на економијата во 2025 година и тоа за Министерството за финансии и Владата е најголем показател дека политиките и во услови на  неизвесност може да се креираат и да се остваруваат резултати“, рече Димитриеска-Кочоска.

Согласно објавените податоци во четвртиот квартал од 2025 година растот на БДП изнесува 3,8% и тоа за министерката претставува потврда за позитивните економски движења во земјата и покажува континуитет во остварувањето на позитивни резултати во економијата кои веќе 6 квартали еден по друг го задржуваат ова темпо и создаваат услови за постигнување повисоки стапки на раст.

„Особено значајно е што растот се надоврзува на високиот раст од 4,3% во истиот квартал од минатата година што укажува на континуитет во остварувањата“, посочи министерката.

Споредено со земјите од регионот и од ЕУ, Македонија повторно е меѓу земјите со највисок раст (четврти), при што повисок раст е забележан само во Малта, Кипар и Полска. Доколку споредуваме со земјите од регионот, растот во Србија изнесува 2,2%, во Хрватска 3,6%, во Бугарија 3,0%, во Словенија 2,0%, итн. 

На прес-конференцијата наведе дека растот на економската активност во четвртиот квартал е на широка основа и дека силната динамика во градежништвото продолжи со раст од 14,6% и согласно расположивите податоци се должи на зголемената активност во нискоградбата која забележа реален раст од 12,5% во четвртиот квартал, а што е, како што рече, уште една потврда дека силната посветеност на Владата на реализацијата на капиталните инвестиции и оптимизацијата на нивните трошоци, динамика, и услови за градба придонесе за динамизирање на економската активност. Исто така, го истакна високиот раст од 8,1% кај стручни и научни дејности, растот од 4,4% во трговијата и транспортот 3,6% раст во преработувачката индустрија, 2,7% во дејности со недвижен имот итн.

„Она што особено охрабрува е високиот раст на извозот на стоки и услуги од 9,7% на реална основа, што упатува на понатамошно закрепнување на извозната активност започната од почетокот на годината, по намалувањето во изминатите години. Увозот од друга страна забележа раст од 3,3% со што нето-извозот имаше позитивно влијание врз економската активност. Приватната потрошувачка остана стабилна со реален раст од 2,0% подржана од растот на платите“, посочи министерката за финансии.    

Таа истакна дека македонската економија во изминатиот период е под силно влијание на случувањата надвор заради нашата голема отвореност, но тоа, како што рече,  е предизвик којшто стои пред нас  како Влада и онака како што и досега во изминатите 20 месеци покажавме како се работи на економски план, така и ќе продолжиме. Ќе  создаваме мерки и ќе креираме политики кои се во интерес на стопанството и на граѓаните, истовремено имајќи ја предвид состојбата на меѓународно ниво“, изјави министерката за финансии.

На прес-конференцијата соопшти дека буџетскиот дефицит за 2025 е во рамки на очекуваното од 4,0% од БДП, додека кај јавниот долг има намалување и согласно објавените податоци од ДЗС изнесува 59,3% од БДП.

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност