Во однос на фискалната стабилност, Министерството за финансии веќе се подготвува за издавање нова еврообврзница следната година, во износ од 700 евра, којашто ќе биде наменета за обезбедување средства за сервисирање на еврообврзницата што доспева во 2026 година, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за Телевизија Сител.
Тоа ќе биде износ поголем од 700 милиони евра, бидејќи дел од евентуалниот буџетски дефицит за 2026 година, исто така, ќе го финансираме преку еврообврзницата. Најголемиот дел од Буџетот за 2025 година го финансиравме преку домашните банки, но сега е време да се насочиме кон меѓународните финансиски пазари, изјави министерката.
Во однос на реализацијата на проектот за изградба на брзата пруга, таа истакна дека не се предвидени повлекувања на средства ниту оваа, ниту наредната година.
Верувам дека ќе добиеме добри понуди од меѓународните финансиски институции, потоа ќе следи анализа на понудите, па ќе треба да се донесе Закон за задолжување, а имаме и избори. Со информациите што ги имаме од Министерството за транспорт и врски, првите исплати ќе бидат во 2027 година, истакна Димитриеска-Кочоска.