Сектори
 

Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Јанкуловски на Регионална конференција: Транспарентноста, отчетноста и одговорноста се клучни во спречувањето на корупцијата

Јанкуловски на Регионална конференција: Транспарентноста, отчетноста и одговорноста се клучни во спречувањето на корупцијата

30 септември 2026 година, Скопје- Транспарентното, отчетното и одговорното управување со јавните средства е клучно за спречување на корупцијата и заштита на интересите на граѓаните, порача заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски на Регионалната конференција за спречување на корупцијата и проценка на корупциските ризици во Западен Балкан која денеска се одржува во Скопје.
Тој посочи дека јавниот интерес мора да биде во центарот на секоја одлука поврзана со јавните средства, од нивното планирање и собирање, до нивното трошење, известување и ревизија.
„Не е важно само колку пари ќе се потрошат, туку клучно е како тие пари ќе се потрошат. Како е донесена одлуката, колку е тоа направено транспарентно, како се контролира трошењето на јавните средства и дали постои отчетност пред граѓаните за трошењето. Јавниот интерес треба и мора да биде во центарот на секоја одлука поврзана со јавните средства“, истакна Јанкуловски во своето обраќање.
Земеник-министерот истакна дека Министерството за финансии има клучна улога во заштитата на Буџетот и парите на граѓаните, но и во воспоставувањето механизми што ќе обезбедат нивно ефикасно и одговорно користење.
„Сите овие активности, покажуваат дека Министерството за финансии
e силно посветено во градењето систем за борба против корупцијата, преку вмрежување и градење соработка со останатите субјекти коишто што спроведуваат активности во оваа област, а со тоа и недвосмислено усогласување со европската регулатива. Крајната цел е јавните средства да се користат одговорно, ефикасно и во интерес на граѓаните во сите фази, од планирањето на јавните средства, преку нивното собирање и трошење, до известувањето и ревизијата. А во сите тие фази клучен фактор е транспарентноста, отчетноста и одговорноста“, порача заменик-министерот.
Јанкуловски се осврна на реформите што Министерството за финансии ги спроведува во управувањето со јавните финансии, особено преку новиот Закон за буџети, кој претставува основа за воведување современ и модерен начин на управување со јавните средства.
Како дел од реформите, тој ги посочи унапреденото фискално известување преку месечни, квартални, полугодишни и годишни извештаи, објавувањето регистри на јавни субјекти, буџетските класификации, Изјавата за фискалната политика, среднорочното буџетско планирање, фискалните правила и воспоставувањето на Фискалниот совет.

Посебен акцент стави и на фискалната транспарентност, нагласувајќи дека таа не треба да биде само законска обврска, туку навремено обезбедување разбирливи и достапни информации за граѓаните.
Во таа насока, Министерството за финансии ги објавува податоците за извршување на Буџетот на дневна основа, како и месечни и квартални извештаи, додека преку порталот „Отворени финансии“ граѓаните имаат можност да добијат информации за тоа што и колку потрошила секоја институција од јавните средства.
На конференцијата, заменик-министерот се осврна и на унапредувањето на системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, како и на новата Методологија за управување со ризици кај јавните субјекти, со која е уредено и управувањето со ризиците од корупција. Оваа активност, како дел од Реформската агенда, од страна на Европската комисија е оценета како целосно исполнета.
Во насока на јакнење на меѓуинституционалната соработка, Министерството за финансии неодамна потпиша Меморандум за соработка со Државниот завод за ревизија, а во тек се активности за подготовка и потпишување меморандум за соработка и со Државната комисија за спречување на корупцијата.
Јанкуловски истакна дека независната ревизија е важна алка во системот на јавни финансии, бидејќи нејзината улога не е само да ги утврдува слабостите, туку и да придонесува кон подобрување на системите.
Градењето ефикасен систем за спречување на корупцијата, како што посочи, бара поврзување и координација на сите институции, со јасни правила, механизми и контроли, со крајна цел јавните средства да се користат одговорно, ефикасно и во интерес на граѓаните.

 

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност