9 октомври 2025, Скопје - Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за пратките нарачани онлајн во вредност до 22 евра. Законските измени се веќе во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што изнесува прометот кон странските онлајн платформи во одредени периоди, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштитата и поддршката на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалувањето на сивата економија, особено ако се има предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби, односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена државата испраќа јасен сигнал за поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и отвораат нови работни места.