16 октомври 2025, Вашингтон, — Во рамки на Годишните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија Антонела Басани, регионалната директорка за Западен Балкан Шиаочин Ју, извршниот директор Јуџин Ругенаат и раководителката на Канцеларијата на Светската банка за Косово и Северна Македонија Карол Межеван.
Разговорите беа насочени кон макроекономските и фискалните движења, напредокот во реализацијата на тековните проекти, како и кон можноста за нови финансиски инструменти од Светската банка во насока на поддршка на буџетските и структурните реформи.
Главен фокус на средбата беа проектите кои во моментов се спроведуваат во Македонија и кои се насочени кон подобрување на инфраструктурата, енергетската ефикасност, дигитализацијата, управувањето со јавните финансии и развојот на човечкиот капитал.
„Владата останува посветена на фискалната дисциплина, структурните реформи и забрзувањето на економскиот раст преку инвестирање во јавната инфраструктура и човечкиот капитал“, истакна министерката.
Светската банка го поздрави напредокот на Македонија и ја потврди својата понатамошна соработка во реализацијата на реформите и проектите од новата Рамка за партнерство.
Тоа го потврдува и најновиот редовен економски извештај на Светската банка за Западен Балкан, во кој се наведува дека се очекува растот на македонската економија да достигне 3,1% во 2025 година, што претставува подобрување во однос на претходните прогнози.
Банката нотира дека Македонија ја задржува фискалната стабилност, со буџетски дефицит под 3% и јавен долг на надолна траекторија, што создава простор за одржлив раст и поволна инвестициска клима.
На средбата стана збор и за економските проекции и можностите за нивно дополнително подобрување преку засилување на јавните инвестиции, зголемување на продуктивноста и поддршка на извозно ориентираните компании, а на неа покрај министерката присуствуваше и гувернерот на Народната банка Трајко Славески.