17 октомври 2025, Вашингтон – Владата останува посветена на одржување на макроекономската стабилност и унапредување на економските перформанси со цел постигнување повисоки и одржливи стапки на економски раст. Во фокусот се и реформите во управувањето со јавните финансии и зачувување на фискалната дисциплина во насока на континуирана фискална консолидација. Ова беше истакнато на средбите на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со заменикот на генералниот директор на ММФ Бо Ли, како и со извршниот директор Јерон Клик, замениците на извршниот директор Марникс ван Рај и Владислав Рашкован, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили. На средбата учествуваше и гувернерот на Народната банка Трајко Славески.

„Позитивните трендови во економијата, кои започнаа во втората половина на минатата година, продолжуваат и во 2025 година. Стапката на раст на БДП во последните четири квартали, од вториот квартал од 2024 година до вториот квартал од 2025 година, се движи околу и над 3%. Државниот завод за статистика неодамна објави податок за растот на БДП во 2024 година, којшто изнесува 3%. Наш приоритет останува стимулирањето на економскиот раст преку инвестиции во инфраструктурата и одржување значително ниво на капитални расходи во структурата на јавните финансии“, истакна министерката за финансии.
Таа дополнително посочи дека стабилизацијата на економијата е поткрепена со дисциплинирана фискална политика.
„Остануваме посветени на одржување на фискалната стабилност преку фискална консолидација и зајакнување на дисциплината во управувањето со јавните финансии. Особено важна улога ќе одригаат мерките за намалување на неформалната економија и подобрување на наплатата на даноците и приходите, како на централно така и на локално ниво. Процесот на фискална консолидација е веќе започнат, а на среден рок се проектира намалување на дефицитот од 3,5% од БДП во 2026 година до 2,8% во 2029 година“, нагласи министерката, а притоа го потенцираше и значењето од воведувањето на е-фактурата.
Димитриеска-Кочоска се осврна и на процесот на приклучување на земјата во Единствената област за плаќања во евра – СЕПА, која носи многу бенефити за македонските граѓани и компании преку реализирање трансакции во евра со земјите од ЕУ на поедноставен, побрз и поевтин начин.
На средбите беше посочено дека веќе се подготвува новиот буџет за 2026 година, кој го одржува континуитетот на политиките на фискална консолидација и поттикнување економски раст.
Исто така, беше истакнато дека се работи на спроведување на реформите предвидени со Законот за буџети, како и на реформските активности поврзани со Планот за раст на Европската комисија.
Министерката Димитриеска-Кочоска оствари средба и со претставници на Одделот за фискални прашања на ММФ, каде што беше потенцирана соработката во делот на развојот на капацитетите во различни области во врска со управувањето со јавните финансии и обезбедување експертиза за спроведување клучни реформи.
Овие средби на министерката Димитриеска-Кочоска беа реализирани во рамки на Годишните средби на ММФ и Светската банка, кои оваа недела се одржуваат во Вашингтон. Покрај разговорите со претставници на ММФ, министерката се состана и со високи претставници на Светската банка, Министерството за финансии на САД, како и со претставници на меѓународни финансиски корпорации.