15 декември 2025, Скопје – Министерството за финансии со поддршка од САД преку Трезорот на САД и Канцеларијата за техничка помош – ОТА работи на зајакнување на капацитетот и градење модерен и силен систем на јавни финансии. Реализираните и планираните активности беа претставени на денешниот настан на тема „Зајакнување на институционалните капацитети: Одбележување на соработката меѓу САД и Северна Македонија“. На настанот воведни обраќања имаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, вицепремиерот за политички систем Љупчо Димовски и амбасадорката на САД во земјава Ангела Агелер.
„Денес сме собрани да одбележиме и истакнеме едно од најзначајните и најконзистентни меѓународни партнерства кое ја поддржува нашата држава во унапредувањето на јавните финансии – соработката помеѓу Министерството за финансии и Министерството за финансии на САД преку нивната Канцеларија за техничка помош (US Treasury – OTA). Ова партнерство не е само поддршка туку долгорочен процес на јакнење на институциите, зголемување на експертизата и создавање модерни системи кои ќе обезбедат предвидливи, одговорни и транспарентни јавни финансии“, рече министерката.
Таа се заблагодари за поддршката и истакна дека партнерството помеѓу Македонија и САД во областа на јавните финансии не е административна соработка туку долгорочна инвестиција во стандардите, институционалниот интегритет и транспарентноста. Притоа наведе дека програмите директно придонесуваат за поефикасни институции, подобро управување со ресурсите, намалување на ризиците и поголема заштита на граѓаните.

Вицепремиерот Димовски, исто така, ја истакна важноста на поддршката што земјата ја добива во изминатите години и потенцира дека техничката помош преку Трезорот на САД е од суштинско значење за модернизацијата на нашиот систем на управување со јавните финансии и овозможува подобра ефикасност, поголема транспарентност, подобра отчетност, како и воспоставување европски и меѓународни стандарди кои се неопходни за долгорочна фискална стабилност.
Оцени дека тоа не се само технички и административни процеси, туку и темелни реформи кои влијаат врз довербата на граѓаните и на инвеститорите, како и врз нашата способност да градиме одржлива и стабилна економија.
„Нашата земја се движи низ период полн со предизвици, но и со можности. За да ги постигнеме нашите национални цели, потребни се силни институции, јасни политики и стратешки партнерства. САД се еден од тие партнери кои постојано стојат зад нас и ни помагаат да го забрзаме нашиот напредок“, порача вицепремиерот Димоски.

Амбасадорката на САД потенцира дека оваа програма е втора најголема од ваков вид на Министерството за финансии на САД на глобално ниво и оти е фокусирана на пет клучни области, односно управување со јавните финансии, финансирање на јавниот долг и инфраструктурата, банкарство и финансиски услуги, буџетска отчетност и борба против економски криминал.
„Успехот на ова партнерство е потврда на нашата заедничка посветеност и на отворената, партнерска атмосфера што ја негува Министерството за финансии. Градиме посилни институции, воспоставуваме попаметно фискално управување и креираме појасни и поправични правила што им даваат сигурност на бизнисите и инвеститорите да ги прошируваат своите капацитети. Реформите ќе придонесат за диверзификација на изворите на финансирање, развој на пазарите на капитал и намалување на зависноста од надворешно задолжување. Секоја активност има директно влијание врз животот на бизнисите и граѓаните во Северна Македонија и во Соединетите Американски Држави“, истакна Агелер.
Активностите се спроведуваа во секторите трезор, буџет и фондови, финансиски систем и во областа на даночниот и царинскиот систем. Целта е унапредување на структурата на Буџетот со поголема транспарентност, зајакнување на надзорот над небанкарските финансиски институции, зајакнување со управувањето на јавниот долг и подобрување на пазарите на државни хартии од вредност и пазарите на капитал, како и подобрување на ИТ системите и сајбер безбедноста во Управата за јавни приходи и Царинската управа.