18 декември 2025, Скопје - Дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и сајбер-безбедноста се клучни столбови и приоритети на економската и фискалната политика на државата, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во своето воведно обраќање на настанот The Economist MeetUp – Светот во 2026 година, во организација на престижниот „Економист“, којшто се одржа во Скопје.
Како што потенцираше, во услови на глобални економски и геополитички неизвесности, забрзани технолошки промени и трансформација на економските модели, ваквите настани се од суштинско значење за отворен и аргументиран дијалог помеѓу носителите на политики, бизнис-заедницата и меѓународните партнери, а сѐ со цел заедничко креирање стабилна, конкурентна и отпорна економија.
Димитриеска-Кочоска кажа дека Министерството за финансии и Владата се силно посветени на модернизација, иновации и одржлив економски раст, при што посебен акцент се става на надминување на долгогодишните структурни предизвици кои ги ограничуваат продуктивноста, конкурентноста и довербата во институциите.
„Дигитализацијата значи поефикасни и потранспарентни институции, помалку бирократија, подобра наплата на јавните приходи и пофер деловна средина. Сајбер-безбедноста е предуслов за стабилен и сигурен финансиски систем, а вештачката интелигенција веќе отвора нови можности за индустријата, финансискиот сектор и пазарот на труд“, истакна министерката.
Таа додаде дека дигиталната трансформација, примената на вештачката интелигенција и јакнењето на сајбер-безбедноста се составен дел од Националната развојна стратегија 2024 – 2044 година, која претставува највисока долгорочна рамка за економски и општествен развој, насочена кон јакнење на конкурентноста, развој на човечкиот капитал и изградба на функционални и отпорни институции.
Во однос на фискалната политика, Димитриеска-Кочоска нагласи дека за периодот 2026 – 2030 година фокусот е ставен на постепена фискална консолидација, одржлива и дисциплинирана јавна финансиска рамка и истовремено задржување на високо ниво на капитални инвестиции, особено во инфраструктурата, дигиталната трансформација и поддршката на долгорочниот економски раст.
Министерката им порача на бизнис-заедницата и на инвеститорите дека Македонија е стабилна, предвидлива и подготвена за забрзан развој, со јасна визија, силна институционална поддршка и партнерски пристап кон инвестициите и иновациите.