Сектори
 

Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитриеска-Кочоска: За Алта банка мора да зборуваат фактите и документите, а не политичките шпекулации

Димитриеска-Кочоска: За Алта банка мора да зборуваат фактите и документите, а не политичките шпекулации

11 ноември 2026, Скопје – Министерството за финансии и Народната банка имаат различни, јасно дефинирани законски надлежности во финансискиот систем, при што надзорот над банките, издавањето и одземањето дозволи за работа, како и преземањето надзорни и корективни мерки се во надлежност на Народната банка, како независна институција. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната надзорна расправа во Собранието, посветена на причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност.
Министерката посочи дека во изминатиот период во јавноста беа изнесени бројни тврдења за наводна вмешаност на Министерството за финансии во случајот, при што нагласи дека е неопходно да се прави јасна разлика меѓу законските надлежности на институциите и политичките интерпретации.
„Кога станува збор за вакви сериозни прашања, должни сме да правиме разлика меѓу факти и политички интерпретации, меѓу документи и претпоставки, како и меѓу институционална одговорност и политичка конструкција. Институционалната одговорност не се утврдува со гласноста на обвинувањето, туку со надлежноста и со доказите“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа појасни дека Министерството за финансии е одговорно за управувањето со јавните финансии, водењето на фискалната политика, фискалната стабилност и одржливоста на јавниот долг, како и за подготовка на законската регулатива во областа на финансискиот систем, вклучително и банкарскиот сектор.
Од друга страна, надзорот над работењето на банките и оценувањето на исполнетоста на законските услови за стекнување квалификувано учество, како и преземањето мерки за заштита на стабилноста на банкарскиот систем, се законски утврдени надлежности на Народната банка.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека банкарскиот систем е еден од најстрого регулираните сегменти на економијата, токму поради неговото значење за довербата на граѓаните, сигурноста на нивните депозити и стабилноста на целокупната економија. Одлуките во овој сектор се носат врз основа на јасна законска регулатива, стручни процени и утврдени процедури.
Министерството за финансии, како што истакна министерката, останува отворено за сите прашања што се во рамките на неговите законски надлежности и подготвено да ги презентира релевантните информации и документи.

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност