14 мај 2026, Скопје – Светот се соочува со сериозни глобални трансформации и во такви услови потребна е нова визија на развој која се темели на поврзување на економијата, екологијата и човечката одговорност. Еколошките прашања имаат егзистенцијален карактер со силно влијание врз економската стабилност, енергетската безбедност, јавните финансии и иднината на нашите општества. Зелената економија е економија на иднината. Ова го порача заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски на 29. Евроазиски економски форум организиран од Мармара Фондацијата во Истанбул.
„Денес живееме во време на сериозни глобални трансформации. Последните години светот се соочи со пандемија, енергетска криза, инфлациски притисоци, геополитички конфликти и климатски промени. Сите овие предизвици имаат директно влијание врз економиите и врз квалитетот на живот на граѓаните. Во такви услови, на продолжени и континуирани кризи кои имаа силно влијание врз јавните финансии, одговорноста на владите е уште поголема, во изнаоѓање баланс помеѓу предизвиците и потребата од фискална консолидација“, рече заменик-министерот Јанкуловски во рамки на сесијата посветена на глобалната одговорност и предизвиците со коишто се соочува современиот свет на тема „Живеење на планета каде што водата и зеленилото се намалуваат“ .
Тој потенцираше дека Владата останува силно посветена на одржување на макроекономската стабилност, фискалната дисциплина и економскиот развој и дека во тој контекст Министерството за финансии има клучна улога во создавање политики коишто обезбедуваат стабилен буџет, поддршка на економијата и инвестиции во иднината. Исто така, наведе дека еколошките прашања се од егзистенцијален карактер и дека имаат силно влијание врз економската стабилност, енергетската безбедност, јавните финансии и иднината на нашите општества.
Во обраќањето истакна дека во последните години од Буџетот се одвојуваат значителни средства во капитални инвестиции во инфраструктура, енергетика, дигитализација, образование и зелена транзиција и дека особено внимание се посветува на енергетската независност и на инвестиции во обновливи извори на енергија, бидејќи зелената економија е економија на иднината.
„Денес повеќе од кога било ни е потребна нова визија за развој, визија која ќе ги поврзе економијата, екологијата и човечката одговорност. Не смееме да зборуваме за економски раст без да зборуваме за одржливост. Не смееме да зборуваме за иднината без да инвестираме во младите генерации. И не смееме да зборуваме за глобална стабилност без меѓусебна доверба и соработка“, порача заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.