6 мај 2026, Скопје - Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска и утре, престојува во работна посета на Република Словачка на покана на министерот за финансии, Ладислав Каменицки.
Во рамки на посетата, предвидена е тет-а-тет средба меѓу двајцата министри, како и билатерални состаноци на делегациите и средба на државните секретари во министерствата за финансии на двете земји Андриана Матлиоска од македонска страна и Радован Мајерски и Даниела Клучкова од словачка страна.
На состаноците посебен акцент ќе биде ставен на дигитализацијата на даночните процеси, вклучително и е-фактура, електронските фискални системи и современите платежни решенија, како и на зајакнувањето на транспарентноста и борбата против даночната евазија.
За време на посетата ќе се дискутира и за регионалната соработка во развојот на пазарите на капитал, а во контекст на Меморандумот за разбирање за соработка во развојот на пазарите на капитал потпишан меѓу осум земји, односно земји членки на ЕУ и РС Македонија.
Во рамки на агендата предвидена е и заедничка прес-конференција на министерите за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и Ладислав Каменицки.
Посетата се реализира неколку месеци по посетата на словачкиот министер Каменицки на РС Македонија и е во насока на продлабочување на билатералната соработка меѓу двете земји и размена на искуства во областа на јавните финансии.