17 март 2026, Скопје – Министерството за финансии преку Академијата за јавни финансии започна со реализација на Годишната програма за обуки за 2026 година, која содржи вкупно 17 обуки на внимателно избрани теми, насочени кон зајакнување на институционалните капацитети и унапредување на управувањето со јавните финансии.
Првата обука, одржана на 13 март, беше посветена на Фискалната стратегија – документ кој ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика. Нејзиното разбирање од страна на вработените е клучно за нивното работење и за остварување на целите и приоритетите на институциите. Oбуката ја одржаа Тоше Пановски - раководител на одделение за буџет и буџетска политика, Александра Алтиевска Ангелиќ -раководител на одделение за буџети на фондови.

Учесниците ги поздрави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која ја истакна важноста од континуирана едукација и професионално усовршување на административните капацитети:
„Заедничката соработка со другите институции е важен фактор за постигнување подобри резултати и изработка на соодветни анализи. Системот е успешен доколку и поединците кои работат во институциите се успешни и постигнуваат подобри резултати. Затоа промената што ќе ја постигнеме преку знаењето влијае на подобрување на целокупното функционирање. Преку Академијата и овие обуки правиме еден вид вмрежување и комуникација во насока на надградување на знаењето и градење на капацитетите на институциите. Вработените со знаење градат ефикасни институции.“
На обуката присуствуваа претставници од различни институции од јавниот сектор, со цел унапредување и зајакнување на среднорочното буџетско планирање, со фокус на петгодишна перспектива, како и продлабочување на знаењата за современите пристапи во управувањето со јавните финансии.
Во рамки на обуката беа презентирани основните цели на новиот Закон за буџети, придобивките од новото законско решение, како и клучните новини од неговата примена. Дополнително, беше обработен концептот на среднорочно буџетско планирање и процесот на подготовка на Фискалната стратегија.

На 16 март 2026 година, во рамки на Годишната програма, беше реализирана и втора обука на тема „Управување со ризици“, наменета за вработени од јавниот сектор, вклучувајќи координатори за стратешки и оперативни ризици, раководители на организациони единици и внатрешни ревизори.
Целта на обуката беше учесниците детално да ги разберат методолошките аспекти на процесот на управување со ризици и да се оспособат за ефикасно спроведување на сите чекори од Методологијата за управување со ризици кај јавните субјекти.
Обуката ја спроведе д-р Мите Митевски, раководител на Секторот за централна хармонизација на системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, искусен експерт, користејќи интерактивен пристап преку презентации, групни дискусии и студии на случај.
Учесниците се запознаа со новините во законската регулатива и меѓународните стандарди за внатрешна контрола, методологијата за управување со ризици и нејзината поврзаност со стратешкото планирање, како и со улогата на клучните актери и внатрешната ревизија во процесот. Посебен акцент беше ставен на практични примери и добра пракса, вклучително и управување со ризици од корупција.
Преку презентации, размена на искуства и интерактивна дискусија, учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења и практични вештини, со што обуките значително придонесоа за зајакнување на институционалните капацитети и подобрување на процесите на фискално планирање и управување со ризици.
Министерството за финансии преку Академијата за јавни финансии останува посветено на континуирана едукација и развој на човечките ресурси во јавниот сектор, со цел унапредување на квалитетот на управувањето со јавните финансии и зголемување на ефикасноста на институциите.