27 март 2026, Скопје - Во организација на Министерството за финансии, преку Секторот Академија за јавни финансии, се одржа обука на тема „Постапка за ослободување (враќање) ДДВ при реализација на донации и спонзорства во јавните дејности“. Обуката беше предвидена во Годишната програма за обука во областа на јавните финансии за 2026 година и беше наменета за вработени во јавниот сектор коишто работат во оваа област и имаат ограничено или почетно искуство во примената на прописите поврзани со данокот на додадена вредност.
Обуката ја спроведоа Дејан Николовски и Петар Робески од Секторот за јавни приходи и даночна и царинска политика.
Целта на обуката беше зајакнување на знаењата и практичните вештини на учесниците во однос на постапката за ослободување и враќање на ДДВ при реализација на донации и спонзорства во јавните дејности, согласно Законот за донации и спонзорства во јавните дејности. Особен акцент беше ставен на запознавање со релевантната законска и подзаконска рамка, административните процедури, како и условите за правилно спроведување на постапката за враќање на ДДВ.
Во рамки на обуката беа обработени теми поврзани со подготовка и поднесување на документација, правилна пресметка и пријавување на ДДВ, како и постапката за поднесување барање за враќање на данокот на додадена вредност. Дополнително, беше посветено внимание на даночното планирање и оптимизација, како и на управувањето со даночните ризици, со цел намалување на можностите за грешки и обезбедување усогласеност со важечката регулатива.
Преку интерактивен пристап, практични примери и дискусии, учесниците имаа можност да стекнат применливи знаења и да разменат искуства и добри практики, како и да ги разгледаат предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење.
Обуката придонесе за унапредување на стручноста на учесниците, подобрување на нивната способност за правилно спроведување на постапките поврзани со ДДВ, како и за зголемување на ефикасноста и ефективноста на финансиските процеси во институциите од јавниот сектор.
Министерството за финансии преку Секторот – Академија за јавни финансии останува посветено на континуирана едукација и развој на вработените во јавниот сектор, со цел подобрување на квалитетот на управување со јавните финансии и процесите во институциите.