29 октомври 2026, Скопје – Денеска во Министерството за финансии се одржа состанок на Институционалната мрежа за заштита на финансиските интереси на Европската Унија во РСМ (АФКОС мрежа).
На состанокот се обрати државниот секретар во Министерството за финансии Андриана Матлиоска, во својство на претседател на АФКОС мрежата. Таа ја нагласи важноста од унапредувањето на меѓуинституционалната соработка и зајакнувањето на системот за заштита на финансиските интереси на ЕУ.
„Ефикасното функционирање на АФКОС мрежата е една од препораките на Европската комисија во извештаите за напредокот на државата. Во таа насока, продолжуваме активно да работиме на зајакнување на оперативноста на мрежата и ефективната координација меѓу институциите, во согласност со новата Национална стратегија за борба против измами и заштита на финансиските интереси на ЕУ за периодот 2026–2030 година“, истакна Матлиоска.
Таа ја истакна важноста од дополнително зајакнување на меѓуинституционалната соработка во оваа област од страна на клучните институции одговорни за спроведување на активностите утврдени во новата Стратегија за борба против измами и заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјата којашто е усвоена од страна на Владата.
Министерството за финансии како координатор на АФКОС мрежата има за цел активно да работи на зајакнување на ефективноста и оперативноста на системот за заштита на финансиските интереси на ЕУ во државата.
На состанокот се направи осврт на реализацијата на Акцискиот план 2024-2025 година за претходната Национална стратегија, а ќе биде презентирана и новата Стратегија за периодот 2026-2030 година.