18 ноември 2026, Скопје - Секторот – Академија за јавни финансии при Министерството за финансии, на 16 и 17 ноември 2026 година, реализираше две обуки на тема „Раководна отчетност во јавниот сектор“, наменети за претставници од институциите на централно и локално ниво.
Обуките се одржаа во просториите на Министерството за финансии, на 16 ноември за претставниците од институциите на централно ниво, а на 17 ноември за претставниците од локалната самоуправа. Активноста беше организирана во соработка со Секторот за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор при Министерството за финансии, Делегацијата на Европската Унија и WEglobal.
Фокусот на обуките беше ставен на улогата и одговорноста на раководните лица во процесите на управување, донесување одлуки и користење на јавните ресурси. Преку интерактивни дискусии и практични примери беа обработени прашања поврзани со преминот од традиционален кон проактивен пристап во управувањето, јасното дефинирање на одговорностите и овластувањата, како и нивното соодветно делегирање во рамки на институциите.
Посебно внимание беше посветено на улогата на финансиските единици како советодавна и координативна поддршка на раководните структури, значењето на Моделот на трите линии, управувањето со ризици, примената на финансиските процедури и известувањето. Учесниците имаа можност да ги разгледаат и практичните аспекти на менаџерската одговорност, вклучително и поврзаноста меѓу одговорностите, овластувањата, автономијата и расположливите ресурси.
Содржините беа приспособени на спецификите на двете нивоа на власт. Кај институциите од централно ниво акцентот беше ставен на односот меѓу одговорноста, овластувањата и ресурсите, додека кај локалното ниво беа опфатени и прашањата за политичката и оперативната одговорност во општините, делегирањето на надлежностите и раздвојувањето на должностите.
Во завршниот дел беа презентирани нацрт-насоки и практични чекори за унапредување на раководната отчетност и нејзина примена во институциите, со цел зајакнување на управувачките практики и подобрување на институционалната отчетност.
Преку овие активности Министерството за финансии продолжува со поддршката на континуираното професионално усовршување на вработените во јавниот сектор и унапредувањето на системот на финансиско управување и контрола, со посебен акцент на јасното утврдување на одговорностите, поефикасното управување со јавните средства и зајакнувањето на одговорноста на раководните структури во институциите.