30 септември 2026, Скопје - Во организација на Академијата за јавни финансии, во Министерството за финансии, денеска се одржа обука посветена на развој на концепт на проект (PCN) и основи на следење на проекти.
Обуката беше насочена кон зајакнување на знаењата и практичните вештини на учесниците во областа на управувањето со јавните инвестиции, со посебен фокус на подготовката на проектни идеи и следењето на реализацијата на проектите.
Во рамки на обуката беа опфатени правната и институционалната рамка за управување со јавните инвестиции, процесот на подготовка на Образецот за концепт на проект (ОКП), дефинирањето на проблемите и целите на проектот, буџетското влијание и изворите на финансирање, анализата на ризици и критериумите за квалитет на проектните предлози.
Посебно внимание беше посветено на следењето и известувањето за физичката и финансиската реализација на проектите, вклучително и на начинот на пополнување на извештаите за следење.
Обуката имаше практичен и интерактивен карактер, со кратки предавања, дискусии, студии на случај и практични вежби за идентификување на грешки во проектни концепти и извештаи за следење.
Со реализацијата на обуката, Академијата за јавни финансии продолжува да придонесува кон унапредување на знаењата и практичните вештини во јавниот сектор и поддршка на поефикасното управување со јавните инвестиции.