2 октомври 2026, Скопје – Државниот секретар во Министерството за финансии Андриана Матлиоска денеска оствари средба со постојаната координаторка на Обединетите нации во РС Македонија Рита Колумбија на која стана збор за поддршката што оваа меѓународна организација преку различни иницијативи ја реализира во земјата.
На средбата се осврнаа на прашањето за економско зајакнување на жените и иницијативите на ОН. При тоа беше посочено дека економското зајакнување на жената е важно прашање за РС Македонија и дека тоа може дополнително да го зголеми економскиот раст, да придонесе за поголем успех на бизнисите и намалување на сиромаштијата. Од страна на државниот секретар беше посочено дека се работи на отстранување на многу бариери со цел жената да стане поактивна на пазарот на труд и да се впушти во претприемништво. Таа наведе дека и многу од иницијативите што се спроведуваат од страна на ОН се во поддршка на надминување на тие бариери.
На средбата беше посочено дека РС Македонија има силна законска рамка и е пионер во воведувањето родово одговорно буџетирање и дека во наредниот период фокусот треба да биде ставен на спроведување на реформите за постигнување на зацртаните цели.
Државниот секретар Матлиоска изрази благодарност за поддршката што земјата ја добива од ОН преку реализацијата на повеќе програми и искажа интерес за новите иницијативи кои се спроведуваат од ОН, а се насочени кон поддршка на претприемништвото, пристојни работни места и баланс помеѓу работата и семејството.