На 29 октомври 2026 година, во Министерството за финансии, се одржа обука на тема „Процес на финансиско планирање и известување“, организирана од Секторот – Академија за јавни финансии.
Обуката беше наменета за унапредување на знаењата и практичните вештини поврзани со финансиското планирање и известување на јавните претпријатија, со посебен акцент на нивната улога и значење во јавните финансии.
Во рамки на обуката беа обработени правната и институционалната рамка за финансиско планирање и известување, временската рамка за следење и известување за перформансите на јавните претпријатија, како и подготовката, извршувањето и следењето на финансиските планови и инвестициските програми на квартално и годишно ниво.

Посебно внимание беше посветено на финансиската транспарентност и следењето на фискалниот ризик, како и на постапката за добивање известување за обезбедени финансиски средства за вработување, вклучително и потребните процедури и придружната документација.
Обуката ја реализираа Весна Крпачовска и Кети Илиевска од Секторот за следење и анализа на финансиското работење на јавните претпријатија. Преку презентации, практични насоки и дискусија, учесниците имаа можност подетално да се запознаат со процесите и обврските поврзани со финансиското планирање и известување, како и да поставуваат прашања и да разменуваат искуства во врска со предизвиците во практичната примена.
Настанот придонесе кон унапредување на разбирањето на процесите за финансиско планирање и известување, зајакнување на финансиската транспарентност и подобрување на следењето на финансиското работење на јавните претпријатија.
Секторот – Академија за јавни финансии и во наредниот период ќе продолжи со организирање обуки за унапредување на знаењата и практиките во областа на јавните финансии, со цел зајакнување на капацитетите на институциите и подобрување на квалитетот на финансиското управување и известување.