10 ноември 2026, Скопје - Академијата за јавни финансии при Министерството за финансии, организираше обука на тема „Подготовка на буџетот на општината за 2027 година“, којашто се одржа во Министерството за финансии. На настанот учествуваа претставници од 35 општини, а предавањата ги реализираа стручни обучувачи – експерти од соодветната област, вработени во Министерството за финансии.
Обуката беше наменета за вработените во единиците на локалната самоуправа кои се вклучени во процесот на планирање и подготовка на општинските буџети, имајќи ја предвид важноста на навременото, реално и квалитетно буџетско планирање за успешно управување со јавните финансии на локално ниво.
Во текот на обуката учесниците имаа можност да се запознаат со клучните аспекти на процесот на подготовка на буџетот за 2027 година, вклучително и со буџетската рамка, планирањето на приходите и расходите, утврдувањето на буџетските приоритети и усогласувањето на буџетските планови со законските прописи и утврдените буџетски процедури. Посебно внимание беше посветено на значењето на реалното проектирање на приходите и рационалното планирање на расходите, како основа за одржливо и одговорно управување со општинските финансиски средства.
Преку стручниот пристап и размената на искуства, обуката овозможи учесниците да ги продлабочат своите знаења и да ги унапредат практичните капацитети за спроведување на буџетскиот процес, како и полесно да се справат со предизвиците што произлегуваат од подготовката и планирањето на општинските буџети.
Дополнително Академијата за јавни финансии организираше онлајн обука на оваа тема на која учествуваа 66 вработени во единиците за финансии во единиците на локалната самоуправа, кои преку оваа обука имаа можност да ги унапредат своите знаења и да добијат стручни насоки за спроведување на процесот на буџетско планирање.
Преку организирањето на овие обуки, Секторот – Академија за јавни финансии продолжува со реализација на активности насочени кон континуирано стручно усовршување на вработените во јавниот сектор, зајакнување на капацитетите на единиците на локалната самоуправа и унапредување на системот за управување со јавните финансии.