27 февруари 2026, Скопје — Во рамки на мисијата организирана од Одделот за фискални прашања (FAD) при Меѓународниот монетарен фонд, во соработка со Секторот Академија за јавни финансии и Работната група за фискални ризици при Министерството за финансии, во периодот од 24 до 27 февруари 2026 година во просториите на Министерството за финансии се одржаа работни состаноци на тема „Фискални ризици“.
Настанот беше наменет пред се за членовите на Работната група за фискални ризици, со учество на претставници од релевантни институции кои се директно вклучени во процесите на идентификација, следење и управување со фискалните ризици.
Целта на состаноците беше размена на информации и експертски мислења во однос на фискалните ризици кои произлегуваат од судски постапки против државата, како и унапредување на институционалниот пристап во нивното навремено препознавање, проценка и управување.
Во фокусот беа прашања поврзани со домашни и меѓународни судски спорови, вклучително и спорови од работни односи, јавни инвестиции и други основи кои можат да имаат значајни буџетски импликации.
Преку активна дискусија и размена на меѓународни искуства и практики, учесниците ги разгледаа можностите за подобрување на системите за евидентирање и известување за потенцијалните фискални обврски, со цел зголемување на транспарентноста и предвидливоста на јавните финансии.
Одржаните состаноци придонесоа за зајакнување на институционалните капацитети во областа на управувањето со фискалните ризици и за унапредување на координацијата меѓу надлежните институции, претставувајќи значаен чекор кон воспоставување посеопфатен и систематски пристап во управувањето со ризиците кои можат да влијаат врз стабилноста на јавните финансии