17 јуни 2025, Скопје - Секторот Академија за јавни финансии при Министерството за финансии вторпат реализираше обука на тема „Процес на задолжување со и без државна гаранција согласно Законот за јавен долг“. Обуката беше наменета за вработените во единиците на локалната самоуправа кои работат во организациските единици за финансиски прашања.
Целта на обуката беше да се зајакнат капацитетите на вработените на локално ниво во процесите на планирање, подготовка и реализација на задолжувања, со акцент на примената на законската рамка и административните процедури утврдени во Законот за јавен долг. Особено внимание беше посветено на разликувањето меѓу задолжување со и без државна гаранција, како и на улогата и надлежностите на Министерството за финансии во овие процеси.
Учесниците имаа можност да добијат практични насоки и објаснувања од обучувачот од Секторот за управување со јавен долг, како и да разменат искуства и да дискутираат за конкретни предизвици со кои се соочуваат во своето секојдневно работење.
Министерството за финансии останува посветено на изградба на современа, стручна и ефикасна јавна администрација. Преку Академијата за јавни финансии се обезбедува континуирана професионална надградба на кадарот на сите нивоа на власт, со крајна цел – одговорно, транспарентно и ефективно управување со јавните финансии.