24 ноември 2025, Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информира дека повластената стапка од 5% ДДВ за првиот промет на новоизградени станови ќе продолжи да важи и по 1 јануари, согласно предложените измени кои веќе се во владина процедура.
„Пред еден месец го изнесовме нашиот став, но беше потребно да се извршат дополнителни анализи и пазарни испитувања, и тоа не само во Македонија туку и споредбено со другите земји. Врз основа на тие резултати предложивме стапката од 5% да остане да важи и понатаму. Исто така, ние сме во постапка на измена и дополнувања на целиот Закон за ДДВ, со кој ќе предложиме одредени модалитети што ќе се применуваат во иднина“, истакна министерката во интервјуто за емисијата „Аргумент плус“ на Телевизија 24.
Таа потенцира дека во моментот не постојат услови за примена на повисока стапка, особено ако се има предвид дека дел од граѓаните веќе имаат платено авансни средства додека објектите се во градба.
„За да не биде оштетен ниту еден граѓанин, потребна е целосна и јасно утврдена постапка. Во моментов нема можност за такво нешто и затоа предложивме да продолжи да важи тој член кој вели дека повластената стапка од 5% ќе продолжи да се применува и понатаму“, појасни Димитриеска-Кочоска.
Министерката додаде дека и во земјите со повисоки општи стапки на ДДВ, даночното третирање на становите е пониско, па така на пример, во Словенија повластената стапка на ДДВ за станови е 9,5%.
Паралелно, како што најави Димитриеска-Кочоска, во Министерството за финансии се работи на сеопфатни законски измени во даночната регулатива, но дека нема да има промена на даночните стапки.
„Ги отвораме законите еден по еден. Прво данокот на добивка и персоналниот данок, а понатаму ќе бидат опфатени и другите сегменти. Директивите ќе бидат наш приоритет, врз основа на кои ќе ги усогласуваме законските измени. Во овој момент нема да има промена на даночните стапки“, истакна министерката