28 октомври 2025, Скопје – Владата денеска го усвои Предлог-буџетот за 2026 година, којшто според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска претставува продолжување на позитивните трендови во економијата, со јасна цел остварување забрзан економски раст и спроведување фискална консолидација преку строга фискална дисциплина.
„Фискалната политика за 2026 година ќе биде насочена кон одржување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност. Ќе продолжиме со мерки за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи. Буџетот ќе се темели на реални проекции – приходите ќе се планираат според реалните можности, а расходите ќе бидат насочени кон стратешки приоритети. Исто така, ќе продолжи постепената фискална консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии со цел поголема ефикасност и одговорност во трошењето на буџетските средства. Ќе се намалуваат несуштинските расходи, а поддршката за граѓаните и стопанството ќе се спроведува по јасни критериуми и со засилен мониторинг.
Вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, а вкупните расходи изнесуваат 413,9 милијарди денари. На тој начин продолжуваме со спроведување строга фискална дисциплина, при што растот е поизразен на приходната отколку на расходната страна. На ваков начин, буџетскиот дефицит изнесува 39,2 милијарди денари, односно 3,5% од БДП, што претставува намалување за 0,5 процентни поени во однос на 2025 година“, рече министерката за финансии.
Таа посочи дека Министерството за финансии проекциите за 2026 година ги базираше на предлог-буџетските барања од буџетските корисници, раководејќи се од принципите на реалност, економичност и ефективност. Притоа, при планирањето земени се предвид само неопходните расходи со кои се овозможува нормално функционирање на институциите и редовно сервисирање и исполнување на обврските по сите основи.
Како што истакна Димитриеска-Кочоска, во Буџетот посебен акцент е ставен на развојната компонента, која е поткрепена со високо ниво на капитални инвестиции кои се проектирани во износ од 40,5 милијарди денари.
„Се очекува забрзување на реализацијата на капиталните проекти коишто се во позрела фаза а се финансирани од Буџетот, но истовремено се очекува и започнување на реализацијата на најавените проекти во патната и железничката инфраструктура, како и во здравството и во образованието. Позитивен придонес кон инвестициите се очекува и од реализацијата на инфраструктурните проекти во општините во следниот период. Очекуваме токму овие капитални проекти да бидат главен двигател на економскиот раст во 2026 година којшто е проектиран на 3,8%. Позитивно влијание врз растот се очекува и од приватните инвестиции, како и од приватната потрошувачка поддржана со растот на платите и пензиите“, посочи Димитриеска-Кочоска.
Со предложениот Буџет, во 2026 година се обезбедува редовна исплата на плати и пензии, како и континуирани социјални трансфери.
Како што кажа министерката, за социјални трансфери се проектирани на 206,3 милијарди денари, што претставува зголемување од 6,7%, за плати 52,6 милијарди денари или 7% повеќе во однос на оваа година, како и 116,8 милијарди денари за пензии што претставува раст од 9,7%.
Потенцира дека се продолжува со мерки кои обезбедуваат одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на расходите и одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг. Притоа наведе дека тоа ќе се постигне преку строга контрола на преземањето нови обврски и почитување на буџетските лимити, внимателно планирање на новите вработувања во согласност со буџетските можности, подобра наплата на сопствените приходи од страна на јавните институции, намалување на непродуктивните трошоци и рационално користење на јавните средства, реално планирање и навремена реализација на капиталните расходи, редизајнирање на системот на субвенции и социјални трансфери со построги критериуми, засилена фискална дисциплина и транспарентност и дигитализација на процесите за поефикасни и поквалитетни јавни услуги.